СРПСКАТА ЗАЕДНИЦА ОД ОХРИД ГО ОДБЕЛЕЖА ПРАЗНИКОТ СВ. САВА

Во организација на српско- македонското здружение  „ Коштана“ од Охрид  , денеска беше прославен  празникот Св. Сава, Денот на српската заедница во Република Македонија. На свеченоста, во името на општина Охрид присутните ги поздрави и им го честита празникот, заменик градоначалникот Ангел Јанев.

-Ви го честитам празникот Св. Сава  и Ви посакувам многу здравје, среќа и бериќет во вашите семејства. Воедно Ви посакувам и во иднина,  да го градиме и унапредуваме заедничкиот соживот , како  темел за меѓусебно почитување и  разбирање– рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.

Претседателот на српско- македонското здружение „ Коштана“ , Среќко Стојановиќ, објасни дека  празникот  Св. Сава , српската заедница во Охрид го одбележува  и како слава на нивното здружение, кое е организатор на бројни манифестации. „ Според нашите проценки, во Охрид живеат повеќе од шестотини срби, од кои повеќето се од мешовити бракови и сите  целосно сме интегрирани  во вкупното живеење  на Охрид. Тоа покажува дека сме лојални членови на заедницата и дека придонесуваме за развојот на Охрид и Република Македонија– рече Стојановиќ.