Доколку некој не е упатен во хронологијата на настаните поврзани со природното и културно наследство на Охридскиот Регион, веројатно ова обраќање на носителот на листата на ДПМНЕ, Игор Дурловски би му звучело искрено, позитивно, и би го убедило дека партијата навистина е загрижена за исклучителната универзална вредност која ни е дадена и признаена.
За жал, знаејќи што се случуваше особено изминативе години, не можеме а да не ја забележиме иронијата во ова излагање. Одеднаш, партијата која го надгради и прошири Плаошник со огромни структури поставени врз археолошки наоди, планираше мегаломански хотелски комплекс во нечепната природа во Љубаништа – директна закана за светинаумските извори и мрестилиштата на пастрмка, медитерански плажи, скијачки центар на падини каде снегот и не се задржува па за таа цел требашe да се гради вештачка акумулација во ливадите каде живеат само над 1000 врсти пеперутки, експресен пат среде национален парк, луксузен комплекс во Студенчишко Блато, преку закон за легализација на дивоградби протурка и објекти на самиот брег на езерото и планираше огромни градби на потегот Грашница – Далјан, како резултат на што во 2017 година дојде Реактивна мисија на УНЕСКО, а последователно Охридскиот Регион беше препорачано да се стави на листата Светско наследство во опасност, сега одеднаш загрижена за УНЕСКО статусот, подготвена да работи на зачувување, дури тоа да биде нивен приоритет.
Ги прашуваме кој е тој темелен пристап, наместо декларативен, што го спомнува носителот на листата, со оглед дека во предизборната програма не видовме ништо конкретно и темелно поврзано со иднината на Охридскиот Регион? Зошто претходните општински и владини состави на ДПМНЕ не направија „доследна имплементација на препораките на Реактивните мисии на УНЕСКО“? Одеднаш, нема да се дозволеле импровизации во примената на највисоките стручни стандарди и ќе ги отстранеле сите закани кои влијаат на исклучителните универзални вредности. Со што ќе нè убедите дека тоа ќе биде различно од она претходно?
Нешто што не беше карактеристично за претходните општински и владини состави на ДПМНЕ, а што доаѓа во облик на ветување во ова видео е дека „со Охрид ќе се управува демократски и преку дијалог со локалните заедници и сите засегнати страни, а во граѓанските организации кои во изминатиов период беа ревносни чувари на охридското богатство ќе гледаме како на конструктивен партнер во сите политики кои ќе се спроведуваат во Охридскиот Регион на централно и на локално ниво“.
Жителите на Охридскиот Регион не забораваат и не простуваат, особено кога се работи за уништување на колективно добро, кое ни е дадено како нешто највредно. И претходно зборовите биле слатки, но делата горки. Децениското стампедо остави трајни последици, кои уште не можат да се поправат, а некои вредности се веројатно трајно изгубени.
Фб статус Охрид SOS