Се руши хотел дивоградба во Охрид

Се руши хотел дивоградба кој се наоѓа на самиот брег на Охридското Езеро. Акцијата ја спроведува општина Охрид.

Акција за уривање на овој хотел првично имаше на 30 септември 2019 год, но општинските екипи тогаш се повлекоја по ветувањето на сопственикот дека сам ќе си го урне објектот. Тогаш општината му даде рок од 20 дена, но сопственикот не само што не го испочитува овој рок, туку до ден денес, немаше отстрането ни една штица од објектот.

Хотелот се наоѓа на самиот брег на Езерото и истиот е во близина на бетонската база изградена од советникот Нефи Усеини. Објектот е изграден на земјиште во приватна сопственост без никакво одобрение добиено од Општина Охрид.

Инаку ова е дел од акцијата која локалната самоуправа ја спроведува по препораките на УНЕСКО, и со која се отстранува урбаната опрема и остатоците од објекти кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро.

Се работи за урбана опрема и градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план. По завршувањето на активностите за отстранување на овој потег од крајбрежјето, ќе се пристапи кон отстранување и на останатите објекти, потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и настрешници, кои исто така се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и навлегуваат во КП 1/1 Охридско Езеро.

Објектите кои се наоѓаат во опфатот на Генералниот урбанистички план ќе бидат решавани со изготвување на Урбанистичко-планска документација за крајбрежје, согласно Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.