Лицата со посебни потреби се рамноправни и активни граѓани во општеството и затоа мора да се воспостави сервис и поддршка на оваа категорија граѓани во насока на признавање на нивните потреби, приоритети и желби. Ова беше заклучено на работниот состанок за имплементација на Националната стратегија за деинституционализација на која присуствуваше градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
Градоначалникот Георгиески истакна дека општината во континуитет реализира проекти од социјалната сфера, а тоа ќе го продолжи и во иднина.
На средбата се презентираше проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“, финансиран од Делегацијата на Европската унија, а спроведуван од страна на консултантската куќа ЕПТИСА. Реализацијата на проектот има за цел да го поддржи долгорочно и одржливо вклучување на лицата со посебни потреби како рамноправни и активни граѓани на нивните заедници и општеството, односно да го поддржи воспоставувањето и достапноста на социјалните услуги во заедницата низ целата земја во насока да се намали бројот на деца и возрасни со посебни потреби кои живеат во долгорочни станбени институции за социјална заштита.
Министерството за труд и социјална политика веќе две години активно ја спроведува Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027 и Акциониот план чија цел е систем за испорака на социјални услуги, заснован на пристапот на човекови права со цел унапредување на правата, вклученоста и достоинството на лицата со попреченост.
Активности за поддршка на имплементацијата на Националната стратегија за деинституционализација покрај во Охрид ќе се реализираат и во десет други општини во државава избрани од страна на Министерството за труд и социјална политика коешто е организатор на настанот.
На средбата покрај членови на ЕПТИСА присуствуваа и претставници од Општа Болница, Центар за социјални грижи, Агенција за вработување и Црвен Крст – Охрид.