ЌЕ БИДАТ СТАВЕНИ ВО ФУНКЦИЈА РАМПИТЕ ЗА ВЛЕЗ ВО СТАРИОТ ДЕЛ НА ОХРИД

Општина Охрид и ЈП „Билјанини Извори“ ги информираат жителите и туристите кои престојуваат во Охрид дека од вечерва на полноќ 31.07.2020 година (петок) ќе бидат ставени во функција поставените рампи за влез и излез во стариот дел на градот.

Возилата во овој дел на градот ќе може непречено да сообраќаат само доколку ги имаат регулирано своите обврски согласно актите донесени од страна на Општина Охрид, односно поседуваат картичка за движење во овој дел од градот. Оваа мерка е дел од утврдениот режим на сообраќај за старото градско подрачје и Правилникот за издавање на картички за движење на моторни возила.

Функционирањето на рампите ќе биде регулирано електронски од поставената куќарка за наплата на паркинг на улица „Македонски Просветители“ и ќе биде следено преку 24 часовен видео надзор.

Жителите кои не поседуваат картички за движење со возила во стариот дел на градот, треба да се обратат во Секторот за комунален развој, сообраќај и улици во Општина Охрид.