Градоначалникот Константин Георгиески денеска даде изјава за медиумите во врска актуелните состојби, поврзани со овогодинешната туристичка сезона во Охрид и заклучоците и препораките од последниот состанок на Кризниот штаб на Општина Охрид.
– Охрид како најголем туристички центар во нашата држава, ние како охриѓани, сите туристички чинители, ова лето се соочуваме со еден од најголемите и најспецифични предизвици, а тоа е заштита и превенција од Корона вирусот „Ковид 19“ за време на туристичка сезона. На една страна е приоритетот за заштитата на здравјето на граѓаните, а од друга страна се економските аспекти и бенефитот за туристичкиот сектор, кој претрпе најголеми загуби поради актуелната здравствена криза.
Иако постојат јасно дефинирани Протоколи за работа на сместувачките капацитети, угостителските објекти и плажите, кои ги донесе Владата на Република Северна Македонија по предлог на Комисијата за заразни болести, најголемата заштита единствено може да се темели само на поединечната одговорност на граѓаните во делот на почитување на сите пропишани мерки за заштита.
Сите сме сведоци дека последните десетина дена Охрид е преполн со туристи, а нивниот број традиционално очекуваме да биде најголем во текот на престојниот продолжен викенд. Поради тоа вчера одржавме состанок на Општинскиот кризен штаб на кој донесовме неколку заклучоци.
Наредните неколку денови сите надлежни институции на централно и на локално ниво ќе делуваат координирано и ќе ги вложат сите напори за почитување на законските прописи и протоколите за заштита од Корона висусот „Ковид 19“.
Најголемиот проблем во моментот за сите надлежни институции се најавите за организација на бројни музички настани на повеќе локации на отворено, за кои има голем интерес од страна на туристите.
Кризниот штаб на Општина Охрид упати препорака до организаторите да не ги организираат и одржуваат настаните доколку немаат капацитети за почитување и спроведување на Протоколот за начинот и условите за организација на настани, кој го донесе Владата на Република Северна Македонија. Исто така Кризниот штаб упати и апел односно препорака и до сите сопственици на локации на кои се закажани овие настани, да не ги изнајмуваат локациите за организација на настани од масовен тип, доколку не постојат услови за почитување на одредбите од овој Протокол.
Во моментот ЈП „Билјанини Извори“ има евидентирано резервација на два термини за одржување на јавни музички настани на Градскиот стадион на 7-ми и 8-ми август од страна на една музичка продукција.
Просторот на градскиот стадион ќе биде изнајмен и настаните ќе се одржат, само доколку се утврди дека продукцијата ги поседува сите капацитети за да може да го испочитува во целост претходно споменатиот Протокол.
Истото се однесува и на просторот во поранешната касарна. Во моментот немаме издадено дозвола за одржување на концертите на оваа локација иако менаџерските куќи ги промовираат настаните и термините за одржување. Значи нема да биде издадена дозвола за користење на просторот, доколку организаторите не ги поседуваат сите капацитети утврдени во одредбите од Протоколот.
Општина Охрид не е надлежна за останатите јавни локации во Охрид каде што се закажани концертни случувања и други настани на отворено и единствено може да апелира за почитување на пропишаните мерки за заштита, изјави градоначалникот Георгиески.
Градоначалникот информираше дека со цел да се зголеми почитувањето на мерките за заштита од Корона вирусот „Ковид 19“, Општина Охрид од денес ќе започне Кампања за подигање на јавната свест кај посетителите. Веќе се подготвени промотивни флаери, кои ќе се делат на повеќе јавни локации.