ЗАПОЧНА ШЕЕСЕТТОТО ИЗДАНИЕ НА „ОХРИДСКО ЛЕТО“

Градоначалникот на .Охрид, Константин Георгиески присуствуваше на отворањето на шеесеттото јубилејно издание на најреномираната музичко сценска манифестација „Охридско Лето“ што годинава се одржува во услови на светската здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид 19.

На отворањето на фестивалот синоќа на Античкиот театар во Охрид   настапија светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ. Концертот  „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“ беше посветен на првенката на македонската Опера, Ана Липша Тофовиќ која со концерт во црквата  Св. Софија  пред точно  60 години го означи почетокот на овој  фестивал со светско реноме.

Со цел да се испочитуваат здравствените протоколи за заштита од Ковид 19 синоќешниот концерт беше проследен од  400 гледачи. Беше запазена  препорачаната физичка дистанца од 2 метри меѓу присутните, а на влезот им беше мерена и телесна температура. Од превентивни причини, годинешната  програма ќе биде реализирана на отворените сцени на Антички театар, Долни Сарај и  Предворје на Св. Софија . Публиката ќе има можност да проследи  26 концерти  и претстави од домашни театарски куќи.

За разлика од вообичаено, оваа година фестивалот ќе трае 28 дена односно ќе заврши на  30 август.