РАСКАЗОТ „ГЛАДОМОРЈЕ“ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЖИВКО ЧИНГО

Расказот „Гладоморје“ под шифра „Квечеруваме“ е добитник на наградата „Живко Чинго“ за 2020 година што Општина Охрид ја доделува по повод одбележувањето на Традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“.

По распишаниот Конкурс на општина Охрид за најдобар расказ за Живко Чинго до жири комисијата во состав, проф. д-р Димитар Пандев- претседател, проф. Славе Ѓорѓо – Димоски член и Григор Стојкоски – член, пристигнаа 78 раскази од кои 7 не ја исполнуваа анонимноста на конкурсот.

Жири комисијата избраа десет раскази во поширок и четири раскази во потесен избор. На работниот состанок одржан на 05.08.2020 година, едногласно беше одлучено наградата Живко Чинго за 2020 година да му припадне на расказот „Гладоморје“ под шифра Квечеруваме.

„Гладоморје“, претставува нов тип истражувачко искуство во македонската проза засновано врз принципот на асоцијативност, имагинативност со можна алегорија која упатува на универзални концепти на современото живеење во кое насилството хиерархиски се издигнува над другите примитивни човекови опстојби.

Авторот на расказот со четвртиот примерок најдоцна до 11.08 2020 година треба да дојде во просториите на општина Охрид и да го докаже своето авторство.