ПРОМОВИРАНА МОНОГРАФИЈАТА ПО ПОВОД ЈУБИЛЕЈОТ 60 ГОДИНИ „ОХРИДСКО ЛЕТО“

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески присуствуваше на промоција на монографијата „Фестивалска приказна“ што вечерва се одржа во предворејто на црквата  Света Софија, а по повод  60 години од основањето на фестивалот „Охридско Лето“.

Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Георгиески рече:

– Голема е честа и заедничко е задоволството да се присуствува на промоција на  публикацијата „Фестивалска приказна“ која е создадена по повод одбележување на јубилејот 60 години „Охридско Лето“.  Упатувам честитки до авторите на делото Снежана Анастасова – Чадиковска и Роза Нолчева – Ангеловска за вложениот труд на лист хартија да ја сублимираат успешната приказна на најпознатата музичко сценска манифестација кај нас и на Балканот. Одговорноста да се креираат вакви дела  е огромна затоа што „Охридско Лето“ е нашиот најпрепознатлив бренд кој не прави неизмерно горди и среќни, затоа што со него Охрид станува дом на уважување, разбирање и размена на културните разлики.

Врвни светски имиња од областа на музиката и театарската уметност во изминативе шест децении  биле дел од фестивалот  со што тој полека станува место за поставување и развој на интеркултурниот дијалог со почитување на различностите.  Со тоа градот се промовира во Светот не само како културен центар  туку како и атрактивна туристичка дестинација. Токму затоа  Охрид и граѓаните го поставија „Охридско Лето“  високо на врвот на приоритетите  во делот и на  културата и на туризмот.

            Велат дека извонредноста никогаш не е случајност. Секогаш е резултат на силна намера, искрен напор и паметна изведба. Таа претставува мудар избор помеѓу многу алтернативи. Во таа смисла упатувам честитки и до организаторите на  годинешното фестивалско издание кои во услови на  Светската пандемија од КОВИД 19  строго придржувајќи се на здравствените мерки и протоколи  успешно ја реализираат секоја фестивалска ноќ со тоа  надградувајќи ја успешноста на фестивалот . Во ова време на светска здравствена криза се истакнува значењето на секој уметнички настан како цивилизациска  придобивка  да биде најголем архитект на соживотот и заедничката  соработка помеѓу народите и државите, а уметниците се тие кои се медијатори на  мирот и разбирањето меѓу нив. Од тие причини низ годинешната програма која ја подготвија драмскиот и музички селектор  заедно со менаџментот на фестивалот и со Министерството за култура уверен сум дека овие цивилизациски пораки ќе бидат раширени  од  Охрид насекаде низ Светот.

Една птица не ја прави пролетта, како ни еден убав ден. Така и успешноста на фестивалот не е резултат на само едно фестивалско издание туку на сите претходни и наредни изданија кои се случуваат во континуитет. – истакна градоначалникот Георгиески.

Пред присутните се обратија и авторите на монографиjата Снежана Анастасова- Чадиковска и Роза Нолчева- Ангеловска.  Двојазичната публикација на македонски и англиски јазик е разбирлива и прифатлива за пошироката публика со теми за почетоците, развојот и културолошкото значење на фестивалот . Таа е богато илустрирана со фото документи од бројни настапи на врвни уметници , а  збогатена со содржини кои ја подвлекуваат  неминовната поврзаност  на „Охридско Лето“ со градот Охрид.

Првата монографија за фестивалот „Охридско Лето“ беше објавена во далечната 1980 година по повод 20- годишнината од неговото основање. Вакви публикации фестивалот објавува на секои десет години.