КООРДИНИРАНИ ПОДГОТОВКИ ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА

Како дел од координираните активности за навремено спроведување на сите потребни подготовки во пресрет на новата учебна година, градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески заедно со надлежните општински служби денеска одржа состанок со директорите на основните и средните училишта од подрачјето на општината.

На состанокот се разговараше за сите тековни инвестиции и реконструкции кои се реализираат во училишните објекти, како и за идните проекти кои Општина Охрид ги планира во насока на подобрување на условите во образовните институции.

Освен за одредбите од Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година, кој го утврди Министерството за образование и наука, на состанoкот се разговараше и за сите интервенции кои треба да се преземат за осовременување на постоечката интернет инсталација во училишните објекти и за набавка на дополнителна компјутерска опрема согласно потребите.

Инаку, Општина Охрид веќе подготви Преглед за спроведување на воспитно-образовниот процес според сите протоколи за време на пандемија и врз основа на барањата од училиштата за настава со физичко присуство, за учениците од четврто до деветто одделение и за учениците од средните училишта. Овој преглед со барања, општината го достави до Комисијата фoрмирана од Владата на Република Северна Македонија, која треба да донесе одлука во кое училиште ќе може да се организира наставата со физичко присуство. Барањата за организирање на настава со физичко присуство, охридските училишта ги имаат направено врз основа на просторните услови, бројот на ученици и анкетите на родителите, кои биле спроведени во текот на изминатиот период.

Следејќи ги протоколите и мерките за заштита од „КОВИД 19“, Општина Охрид веќе започна постапка за набавка на средства за дезинфекција, термометри и сите други потребни материјали за здравствена безбедност на учениците и наставниот кадар, а пред почетокот на учебната година планирано е да биде извршена целосна дезинфекција на сите училишни објекти.