Царинската управа на Република Северна Македонија како дел од подготовките за влез во Европската Унија во континуитет воведува нови информатички системи поврзани со спроведување на царинските постапки. Целта е поедноставување и рационализирање на сите царински процеси и постапки преку имплементирање на електронска и бесхартиена околина во ЦУ и интегрирање со системите на ЕУ, напиша на својот ФБ профил директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.
Танасоски во својата објава додава:
Доказ за успешно превземените активности за олеснување на царинските постапки е и признанието кое ЦУ го доби во овогодинешниот извештај на ЕК за напредок на РСМ во пристапувањето кон ЕУ.
Поглавјето 29.Царинска Унија ја има највисоката оценка која е дадена во овој извештај со заклучок дека Царината има постигнато добар напредок во претходната година и одржува добро ниво на подготовка во делот на Царинската Унија.
Концептот дигитална царина е веќе реалност и е нотирано во самиот извештај на ЕК каде се констатира „Земјата заврши, примени и одржува нов електронски систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД)“.
Во извештајот се истакнува и дека е воспоставен едношалтерски систем за контрола на границата со Србија (One Stop Shop) кој резултира со поуспешни стапки на откривање на нелегални прекугранични активности, а со тоа се зголемува безбедноста. Со воспоставување на новиот начин на работа и заедничката гранична контрола на службите на двете земји, коридорот 10 стана поатрактивен и поефикасен за вршење извоз, увоз и транзит на стоки Ваков систем на заеднички контроли е во тек на воспоставување со Р.Албанија каде што веќе започна со работа новоизградениот царински терминал.
Кон добрата оценка за поглавјето 29, придонесоа и високата усогласеност на царинското законодавство со законодавството на ЕУ; воведувањето на концептот на Овластен економски оператор (ОЕО), подобрената меѓу-институционална соработка, учеството во меѓународни операции за борба против недозволена трговија со дрога, фалсификувана стока и лекови, акцизна стока, оружје, експлозиви, опасен отпад и хемикалии, диви животни и растенија, културни добра и борба против трговија со луѓе, итн..
Во наредниот период претстои вистински ангажман во домен на консолидација и целосна примена на постоечките ИТ системи, нивна надградба и одржување, континуитет во работењето и целосна имплементација на Протоколот 5 на ЦЕФТА за олеснување на трговијата.