ИГРАЈТЕ ЗА СЕБЕ , ИГРАЈТЕ ЗА ЦЕЛА ДРЖАВА.

УЕФА со воведувањето на Лигата на нации ни овозможи полесен пат до тој историски успех, шансата со две раце ја зграпчивме и дојдовме пред реализација.

Остана уште вечерва да го направиме тој последен чекор. 

Оптимизмот е голем, и меѓу фудбалерите и меѓу целата нација, но нема да биде лесно, колку што ние ја посакуваме победата, толку ја посакува и Грузија. И за нив е денот Д, и тие сонуваат за пласман на Европско првенство. Како предност го имаат домашниот терен, но не и поддршка од публиката, пандемијата од ковид-19 наложи мечот да се игра пред празни трибини.

ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА ВО 18 : 00 НА МТВ.

За капитенот Горан Пандев ова ќе биде последна шанса за настап на големо натпреварување, учество со Македонија на Европското првенство треба да биде круна на неговата кариера.

 „Имам одиграно повеќе од 500 натпревари во кариерата, сум играл многу важни натпревари, но ваков меч со репрезентацијата никогаш не сум играл. Свесен сум дека ова за мене е последна шанса. Знам дека нема да биде лесен натпреварот бидејќи и тие ја имаат истата желба како и ние. Но мислам дека имаме многу поквалитетна репрезентација. Треба да останеме присебни, да не не понесат емоциите, да останеме смирени, да одиграме како што ќе се договориме и убеден сум дека ќе ги добиеме Грузијците“, вели Горан Пандев.

Емоциите се големи, но кога ќе се истрча на теренот главата мора да биде ладна, дисциплинирано да се одигра во текот на сите 90 минути по инструкциите на селекторот Ангеловски и да се дојде до толку посакуваната победа.

 „Добро знаеме за нашите квалитети и тука сме повторно во Тбилиси за да дојдеме до реализација на нашите цели, а тоа е пласман на ЕП. Фудбалерите се подготвени да одиграат за себе и за сите нас во Македонија. Овие фудбалери мене ме натераа да бидам мирен, спокоен, па и мирно да спијам. Иако тука сме сами, ја чувстуваме поддршката, стигнуваат пораки од поранешни селектори, репрезентативци, пријатели. Ќе играме и за нив“, вели селекторот Игор Ангеловски.