Виктор Мизо, претседателот на Асоцијацијата на странски компании, во денешното интервју за МИА вели дека според актуелните законски критериуми е тешкоостварливо добивањето на државната помош, односно исплатата на платите за вработените од четвртиот пакет на економски мерки, за странските инвеститори во зоните.
– Во првиот дел поддршката беше добра, но мислам дека треба да се направи адаптација на критериумите. Критериумот за поддршка од 14.500 денари и сега во поголема сума е директно поврзан само со падот на приходите споредено со минатата година, оние 30 проценти или повеќе. Тие 30 проценти беа апликативни за најголем број странски компании во април и мај, бидејќи Европа технички беше затворена и не работеше. Потоа, полека почнавме да се враќаме во игра и за четвртиот сет мерки реално ќе биде тешко дека некоја од овие компании ќе ги задоволи условите, вели Мизо, одговарајќи на едно од прашањата.
Директорот на Костал Охрид смета дека како алтернативен критериум треба да се земе и колку секоја компанија инвестирала минатата година, споредено со својот обрт., бидејќи како што вели тој, голем број странски компании, кои работат тука помалку од пет-шест години сè уште немаат стигнато до оптимално искористување на своите капацитети.