Зијадин Села во вчерашното гостување во емисијата „Политика“ на локалната телевизија ТВ Глоби , на поставеното прашање под кои услови Алијансата би станала дел од власта, со оглед дека во политичките кулоари се најавува таква можност, Села не одрече дека албанската опозиција може да биде дел од власта. Тој се огради од таквите информации, но како услов да се биде дел од Владата, го поставува Законот за државјанство.
– Имаме обврска да ги исполниме ветувањата што им ги дадовме на Албанците кои врз основа на оствареното нè легитимираа. Ние сме сериозни кон ветеното и така постапуваме. Кога бевме дел од власта во рок од 100 дена го донесовме Законот за јазиците. Сега рековме дека Законот за државјанство ќе се донесе во рок од 100 дена. Ова се однесува на комбинаториката ако АА стане дел од мнозинството. Без да се донесе нашиот предлог на Законот за државјанство, нема да прифатиме да станеме дел од владата, рече претседателот на Алијансата за Албанците.