Министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на V-та Меѓународна судска конференција на тема „Судството во состојба на пандемија“ кажа дека пандемијата со Ковид-19 е катализатор на процесот на дигитализацијата на судството. Според министерот и покрај бројните прашања кои се појавија по објавувањето на концептот за дигитализација на правосудството, Министерството за правда во наредниот период ќе посвети посебно внимание токму на овој процес.
„Кога ја преземав функцијата министер за правда кажав дека воведувањето на информатичката технологија во работењето на судовите ќе мора да се случи. И тоа не само заради држењето чекор со трендовите, туку затоа што на тој начин ќе обезбедиме поголема ефикасност и транспарентност во судските постапки, а со тоа и ќе се олесни пристапот до правдата за граѓаните и ќе се придонесе кон поголема доверба во функционалноста на системот. За сето ова потребни се законски измени, технички предуслови како што е опремувањето на судниците за онлајн судења, односно финансиски средства, и секако – респонзивност на правосудниот систем да го направи овој технолошки скок“, истакна Маричиќ.
Според министерот сега е вистинскиот момент да се интензивира овој процес со цел да го фатиме приклучокот со развиените европски земји.
„Сметам дека работиме навремено, за што говори и фактот што Европската комисија на 2 декември минатата година ја усвои Комуникацијата за дигитална правда во ЕУ, чија цел е токму да се осигури дека правдата исто така се движи напред во склад со дигиталното време. И на ниво на ЕУ се работи на развој на нова алатка за дигитална правда, која опфаќа целокупна рамка за законодавни, финансиски и ИТ активности за поддршка на дигиталните транзиции на земјите членки“, кажа министерот.