Ракометната легенда и се уште активен капитен на македонската репрезенација, Кирил Лазаров е избран за нов селектор на репрезентацијата. Ова денеска го потврди првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов.
-Денес ја имам посебната чест и привилегија, сакам да кажам една вест што е многу важна за понатамошниот развој на македонскиот ракомет. На вчерашниот состанок на Управниот одбор на РФМ донесовме одлука за нов селектор на машката репрезентација да го избереме апсолутно најголемиот спортист во историјата на Македонија, Кирил Лазаров. Се договоривме со Кире тој да биде нов селектор – тренер на машката ракометна репрезентација, во период од една година додека ја добие мастерс-коуч дипломата. Потоа тој ќе добие четиригодишен договор како селектор. За мене е чест и привилегија да ви ја соопштам оваа вест, бидејќи ова е голем ден за македонскиот ракомет. Пресреќен сум што заедно со Лазаров ќе ги биеме битките за македонскиот ракомет, рече Мукаетов.
Лазаров една година ќе ја води репрезентацијата како тренер, додека ја добие мастер-коуч дипломата, а потоа ќе остане на кормилото уште четири години.