Македонската делегација домаќински голема, премиер, прв вицепремиер, ресорниот министер за здравство Филипче, но и министерот за внатрешни работи, а стигнаа и пратеници од Куманово и градоначалникот на скопски Центар. Новинари и од двете страни на границата го исполнија преминот, а потоа стигна српската поскромна ама на високо ниво донаторска поворка. Претседателот Александар Вучиќ и српскиот министер за здравство Златибор Лончар. Во колоната и белото комбе со вакцини.
Заев благодарен и задоволен откако првите вакцини стигнаа, Вучиќ се пожали дека биле напорни преговорите со Фајзер, а добрососедската соработка ја зачини и со англиска поговорка.
Првата донација беше најавена со бројка од 8 илјади вакцини, а кога нови вакцини од Србија ќе бидат пратени не се знае иако српските власти сметаат дека ќе биде наскоро откако се исполнети условите на Фајзер.
Тешките и долги маки до првите вакцини завршија, а нов предизвик е успешна имунизација против короната- први пациенти ќе бидат медицинарите од првата линија на анти-ковид фронтот.
По неколку прашања и одговори за идна успешна соработка на Балканот и во мини-Шенген процесот, темературата од -15 целзиусови го направи своето.
Кутијата при префрлањето не смееше да падне или да се спушти на земја и снегот туку мораше да заврши во комбето на трансфузиологија. Откако успешно беа пренесени, транспортот почна, а вакцините добија и полициска придружба за побрз пат до Скопје. Денешната донација е доволна за околу 2300 луѓе.