12 години затвор казна за Сашо Мијалков

Затворска казна од 12 години за поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, пресуди Кривичниот суд, прогласувајќи го за виновен за незаконското масовно прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање. Тој, според пресудата е главниот организатор на прислушувањето, за што имал можност и моќ.

Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е осудена на четири години, откако судот пресуди дека таа ја спровела наредбата на Мијалков, формирала комисија и ја уништила опремата со која нелегално се прислушувало. Екс началник на Петтата управа на МВР, Горан Грујевски кој заедно со Мијалков учествувал во прислушкувањето му е досудена 15 години. На Никола Бошкоски кој исто така е во бегство му е изречена 15-годишна затворска казна.

Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков во УБК, по чија наредба биле уништени системите за следење на комуникациите во МВР доби 6 години.

Маријан Шумуликивски – условна осуда, а доколку направи ново кривично дело во рок од пет години ќе има затвор од две години.

Силвана Златкова – условна осуда, две години затвор ако во рок од пет години стори ново кривично дело.

Васил Исакоски – условна осуда, а ако стори ново кривично дело во наредните пет години ќе треба да издржи казна затвор од две години.

Валентина Симоновска – условна осуда, со казна затвор од две години доколку обвинетата во наредните пет години стори ново кривично дело.

Во судница беа присутни поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата, кои според обвинителниот акт, се обвинети за незаконско прислушување преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година.

Мијалков во судот беше спроведен од домашен притвор што му беше одреден како мерка на претпазливост, а од затвор каде издржува казна за случајот „Тенк“ беше донесена Гордана Јанкулоска.

Во овој предмет обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, и им се суди во отсуство.

Во Таргет Тврдина биле следени 4614 телефонски броеви од новинари, политичари, експерти, високи претставници од власт, орислушувани во периодот од 2008 до 2014.

Пресудата за „Таргет-Тврдина“ e првостепена, а странките ќе имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

фото:PRTSC МИА