Од понеделник започнува функционирањето на платниот промет во Македонска пошта преку кој граѓаните ќе можат повторно да ги плаќаат своите сметки и да вршат други плаќања во готово.
„Согласно договорот потпишан меѓу Македонска пошта и Халкбанк АД Скопје, која беше избрана за банка преку која ќе се одвива платниот промет на Пошта, Халкбанк ја исполни својата обрска според која до 1 март требаше да го имплементира системот за наплата за Македонска пошта. Платниот промет, во првата недела ќе биде достапен во повеќе избрани подружници на Пошта и тоа: во Скопје 1 и Скопје 2, подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово. Во текот на март услугата ќе биде достапна во сите останати единици на Пошта,“ се вели во соопштението од Халкбанка.
Провизиите ќе изнесуваат 35 денари за плаќање на сметки и други режиски трошоци, додека висината на провизиите за уплати кон буџетски установи е во зависност од износот кој се уплаќа.