Отворањето на подновената Спомен-соба на Крсте Мисирков е навистина значаен настан не само за Институтот за македонски јазик, чиј патрон е Мисирков, и не само за Министерството за образование и наука, туку за целата држава, затоа што на овој начин се покажува и почитување кон неговото дело, но исто така и вложување во грижата и негувањето на македонскиот јазик и сите оние што придонеле за денешницата, рече министерката за образование и наука Мила Царовска денес, на промоцијата на музејската поставка за животот и делото на Мисирков, основоположникот на првата стандардизација на македонскиот јазик.
Министерството за образование и наука финансиски ја поддржа иницијативата на Институтот за македонски јазик за реставрирање и подновување на Спомен-собата на Мисирков, а кон идејата се приклучи и Градот Скопје.
„Дополнително, за да ја зголемиме грижата за македонскиот јазик и за наставници кои ќе го предаваат македонскиот јазик и ќе го истражуваат и проучуваат, годинава за прв пат обезбедивме и 15 стипендии за студенти што студираат на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. МОН продолжува со политиките кои се во насока на негување и изучување на македонскиот јазик“, нагласи министерката Царовска.
Истакнувајќи ја плодната соработка, Царовска посочи дека Министерството за образование и наука ги прифаќа иницијативите кои доаѓаат од Институтот и заедно со Владата, премиерот и Министерството за култура даваат голема поддршка на процесите за зачувување, негување и унапредување на македонскиот јазик.
Директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, потсети дека ова е година во која се одбележуваат 95 години од смртта на Крсте Мисирков, 100 години од раѓањето на Благоја Корубин, еден од основачите на Институтот и во годината на чествување на Блаже Конески.
„Мисирков во книгата „За македонцките работи“ ги постави основите на правата стандардизација на македонскиот јазик, Конески ги реализира идеите за современа македoнска азбука, правопис и институционална кодификација на македонскиот јазик“, кажа Јованова-Грујовска.
Спомен-собата на Мисирков содржи документи и фотографии, дел во електронска форма, кои сведочат за животот и образовната, научната, дипломатската и револуционерната активност на првиот кодификатор на македонскиот јазик. Посебно место во поставката зазема книгата ‘За македонцките работи’, објавена во 1903 година