Веројатноста да се заразите со коронавирусот на отворено е екстремно помала отколку во затворена просторија – ова важи и за основната варијанта на вирусот и за мутациите. Аеросолите, оние најситни капки во воздухот играат клучна улога во пренесувањето на заразата. Според експертите, аеросолите на отворено многу побрзо стануваат безопасни.
„Едноставно, воздухот на отворено повеќе циркулира. Имате струење на ветар па аеросолите побрзо се разредуваат,“ објаснува за ДВ Нико Мутерс, раководител на Институтот за хигиена и јавно здравје на Универзитетската клиника во Бон. И Биргит Венер, експерт за анализа на аеросоли на Институтот за тропосферски истражувања во Лајбниц вели дека капките кои ги издишуваме надвор побрзо се сушат и поради тоа полесно се разредуваат. Во едно истражување во кое учествуваше и Венер, се вели дека сепак не може да се исклучи заразување и на отворено доколку нема дистанца и има поголем број луѓе.
Значи и на отворено важи правилото за дистанца од 1,5 до 2 метри. „Ако не држите вакво растојание и зборувате лице в лице гласно, пеете, викате, плукате – тогаш наместо преку аеросоли, можете да се заразите каплично,“ појаснува вирологот Александар Кекуле во интервју за ДВ. Тој на медиумите им е познат по критиките за владините корона-мерки. Вирологот е категоричен дека со вирусот мора да се справите и без многу ограничувања.
Според него правилото за дистанца важи и за мутациите кои се позаразни, но мерките се исти и за нив. Кеукуле нагласува: „Мутациите не летаат подалеку, тоа е многу важно да се знае,“ вели тој. Поради тоа треба да се воздржиме од прегратки и бакнување.