Донесена е одлуката да се разреши директорот на струшката болница и во текот на денешниот или на утрешниот ден ќе биде назначен нов директор. Во тек се сите други постапки во однос на активностите и на другите институции коишто беа вклучени во овој случај, истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, информирајќи за случајот во струшката болница со родилката од Дебар.
Имено, Филипче покрај одлуката за разрешување на Мухамед Асани, посочи дека донел и одлука да се формира нова комисијата за случајот со родилката од Дебар, на која, како што изјави таа, по породувањето и биле извадени три здрави органи.
Вчера донесов одлука за формирање на нова комисија. Тоа е законска можност којашто ја има Министерството за здравство. Онаа првата Комисија исто така беше формирана на барање на МЗ, но тогаш преку Лекарската комора, но со оглед на неколку интервенции и барања коишто ги имаше прво од семејството на родилката, понатаму од неколку институции, како на пример Хелсиншкиот комитет за човекови права, донесов одлука да се формира уште една комисија, која што ќе ја водат директорите на Клиниките на урологија, КАРИЛ, гинекологија, директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат и коишто ќе треба да направат анализа на случајот, наведе Филипче.