Премиерот Заев денес присуствуваше на свечената церемонија на која беа промовирани нови 569 полициски службеници од генерацијата 2019-2020 во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово. Премиерот Зоран Заев се обрати на свечената церемонија а неговото обраќање ви го пренесуваме во целост.
„Ми претставува чест да бидам дел од овој посебен ден за вас, припадниците на најновата генерација полициски службеници што ја завршија едногодишната обука во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи.
Се радувам заедно со вас затоа што со голем успех сите вие како кандидати ја завршивте обуката за совладување на потребните компетенции за полициски службеници со одличен успех.
Тоа говори за вашата висока мотивација да успеете и убеден сум дека таа мотивација ќе ја негувате и во исполнувањето на вашите задачи кога ќе ги добиете вашите професионални ангажмани во редовите на полицијата.
Пред сите вас стои една од најблагородните должности – да ги штитите граѓаните, уставот и законите, и да им служите на сите припадници на народите на нашата земја.
Сакам да ви честитам и да ве охрабрам во вашата посветеност на спроведувањето на вашите должности кон граѓаните. Таа мисија да ве исполни со гордост, задоволство и исполнетост и со успех да напредувате во професијата, во хиерархијата и за место во најелитните единици на Министерството за внатрешни работи.
Можностите за напредок ви се отворени и лично од вас ќе зависи како ќе ги искористите овие можности.
За време на вашата обука научивте какви се очекувањата од исполнувањето на вашата должност како полициски службеници. Научивте дека таа должност треба да ја исполнувате достоинствено, со почит кон другите, со сочувство, со чесност, храброст и внимание.
Уверен сум дека обуката ве подготви да ги извршувате задачите најдобро што можете. Секоја задача што ќе ја добиете ќе биде важна зашто е во служба на заштитата и на услуга на граѓаните. Зашто е во насока на заштита на безбедноста на граѓаните, и во заштита на правото и правната држава.
Извршувајте ги вашите обврски со интегритет и видлива компетенција за да бидете пример и да ги охрабрите другите во оваа одговорна мисија.
Така лично ќе ја стекнете довербата на граѓаните и на тој начин ќе учествувате и во подигањето на довербата на граѓаните во полицијата.
Како и со секоја генерација претходно, така и со оваа инструкторите од Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи со успех создадоа уште една генерација полициски службеници во име на тоа им изразувам најсрдечни честитки.
Честитки и признанија заслужува и грижата за континуитет во обезбедувањето на професионални кадри и Министерството за внатрешни работи.
Со овие честитки со огромно задоволство ви се придружувам во прославата на вашиот успех.“