Претседателот на Владата на Република Северна Македонија денеска присуствуваше како покровител на свечениот настан по повод 70 години од формирањето на Државниот архив на Република Северна Македонија кој се одржа во НУ „Музеј на македонска борба“.
На настанот беа присутни и претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Ирена Стефоска, директорот на Државниот архив Емил Крстески и други претставници на институциите и гости.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме интегралниот говор на премиерот Заев.
„Ми претставува огромна чест и задоволство заедно со вас да го прославиме исклучително значајниот јубилеј – 70 години од формирањето на Државниот архив на Република Северна Македонија.
Оваа институција која е темел на нашиот идентитет и сведок на нашата историја, култура и традиција, несомнено има значајна улога, пред сѐ, како чувар на нашата колективна меморија и националните вредности.
Токму на денешен ден, во 1951 година, првпат Државниот архив го добива своето место како самостојна институција со ингеренции и одговорност, да го прибира и чува колективното паметење на нашите предци за да го наследат и афирмираат генерациите што доаѓаат.
Државниот архив е историско-научен храм кој претставува своевиден мост помеѓу минатото и иднината. Почетна точка во истражувачката генеза за најзначајните елементи поврзани со идентитетот на еден народ. Бидејќи архивскиот материјал е заштитено историско и културно наследство и е наше трајно националното богатство, Државниот архив за нас претставува еден од столбовите на нашиот идентитет и наша афирмација на меѓународен план.
Долгот и обврската кон идните поколенија за безусловното чување на историјата и трајното национално богатство, паѓа токму врз плеќите на Државниот архив, кој денеска претставува современа институција, која врз научно-стручна основа врши инспекциски и експертски надзор врз работата на приватните имателите и на државните институции и од нив го прима, го средува и обработува, го заштитува и го дава на користење архивскиот материјал.
Пред оваа, несомнено значајна институција, како предизвик и приоритет стои процесот на дигитализација кој поинтензивно ќе почне да се спроведува во втората половина од оваа година. Со тоа Државниот архив ќе биде рамноправен со европските и светски архиви и ќе може многу полесно и поуспешно да соработува со нив и со сите останати кои имаат интерес за материјалите што се чуваат во оваа институција.
Истражувањата на архивскиот материјал во земјава и во странство придонесува и за изнаоѓање нови историски значајни факти, документи и воопшто на архивска граѓа. Успешната соработка со архивите во светот, дополнително придонесува за размена на мислења и искуства и за постојани контакти со архивите каде што има и може да се најдат документи што се однесуваат на нашата историја и на идентитетот на македонскиот народ и на другите етнички заедници.
Дами и господа, верувам дека оваа 70 годишнина ќе биде поттик за Државниот архив уште повеќе да ја развива својата дејност и да овозможи широката јавност што повеќе да биде запознаена со неговата работа. Како покровител на овој значаен јубилеј како претседател на Владата на Република Северна Македонија, сакам да се заблагодарам и да ја искажам мојата искрена и длабока почит кон сите сегашни и поранешни вработени во Државниот архив, кои неуморно и посветено работеле и работат и оставиле и оставаат значаен печат во оваа институција и за нашата историја.
Сакам, исто така, да ве уверам дека Владата на Република Северна Македонија е посветена на создавањето најдобри можни услови за функционирање на Државниот архив, а воедно, тука сме, заедно да се соочиме со сите предизвици кои нè очекуваат, а се поврзани со процесот на дигитализација на архивските документи и материјали, како и за изнаоѓање на соодветен објект со европски стандарди, со техничкото опремување и со донесувањето нов Закон за архивска дејност.
Треба да бидеме горди на сите досегашни достигнувања со кои може да се пофали Државниот архив и Ви посакувам уште поголеми успеси во годините што се пред нас“.