Заев: Да се исправиме најсериозно и најодговорно и да се заштитиме себеси, нашите најблиски и да им помогнеме на здравствените работници да спасуваат животи

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев на прес-конференција информираше за актуелната состојба со пандемијата со КОВИД-19 во земјата и во регионот и информираше за неопходноста на дополнителните  рестриктивни мерки во насока на спречувањето на ширењето на коронавирусот со единствена цел  заштитата на јавното здравје и заштита на сите граѓани.

На прес-конференцијата која премиерот Заев ја одржа заедно со министерот за здравство Венко Филипче, заменик-министерот за здравство Илир Хасани и претседателот на Комисијата за заразни болести, прим. д-р Жарко Караџовски, истакна дека најновите тенденции јасно покажуваат дека британскиот сој на коронавирусот во земјата зема се поголем замав и од овој вид заразувањето е многу полесно и многу побрзо – и најчесто резултира со исклучително тешки последици по човековото здравје и ова е моментот кога е потребно да пресретнеме нови, сериозни влошувања на здравјето на граѓаните и на функционалноста на здравствениот кадар.

Обраќањето на премиерот Заев ви го пренесуваме во целост:

„На денешната седница на Владата донесовме одлука за дополнителни мерки со единствена цел – заштитата на јавното здравје и заштита на сите граѓани.
 
Најновите тенденции, коишто ни се презентирани од здравствените власти и од стручните лица во областа на епидемиологијата, јасно покажуваат дека британскиот сој на коронавирусот во земјата зема сè поголем замав. Со оваа ситуација, во моментов се соочуваат и земјите од регионот, од Европа и од светот. Овој вид коронавирус, заразува многу полесно и многу побрзо – и најчесто резултира со исклучително тешки последици по човековото здравје.
 
Од овие причини, веднаш по предочувањата од Mинистерот за здравство и од претседателот на Комисијата за заразни болести, а во пресрет на затоплувањето и на големите празници кои ни следуваат пред нас и согласно потребата да ги одмориме здравствените работници, донесовме одлука дека се неопходни нови рестриктивни мерки.
 
Тука сме сега, да ги соопштиме новите мерки што ги усвои Владата и да ги објасниме на граѓаните. Мораме сите заедно да влеземе во справувањето со текот што го зазема пандемијата, бидејќи само заедно и можеме да успееме во справувањето со последиците.
 
Почитувани граѓани,
 
Бројот на новозаразени граѓани, како последица од коронавирусот расте.

Бројот на починати граѓани, како последица на коронавирусот расте.
 
Досега здравствените работници се справуваа со сите предизвици во болниците и КОВИД-центрите. Но, сега веќе постои сериозно оптоварување на здравствените работници кои деноноќно и со сите свои сили се во битката за спасување човечки животи.
 
Ова е најголемото оптоварување на здравствениот систем во државава од почетокот на пандемијата. Многу држави – и со многу поразвиени здравствени системи, се соочија со ваква ситуација и порано од нас.
 
Ова е моментот кога е потребно да пресретнеме нови, сериозни влошувања на здравјето на граѓаните и на функционалноста на здравствениот кадар и здравствениот систем.
 
Од овие причини, Владата донесе нови рестриктивни мерки:

Прво, забрана и посебен режим на движење на граѓаните на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 20:00 часот до 05:00 часот наредниот ден, почнувајќи од 6 април 2021 година, (вторник) до 20 април 2021 година (вторник).

– Второ, на граѓаните, кои извршиле имунизација/вакцинација во центрите за вакцини, за временскиот период непосредно пред започнувањето на забраната и посебниот режим на движење, им се дозволува враќање до своите живеалишта, престојувалишта, врз основа на потврда за извршена вакцинација.
 
– Трето, целосна забрана за посетители, гости, во сите  угостителски објекти, кафетерии,  ресторани, барови, клубови и други објекти, кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, како и во угостителските објекти, дел за исхрана во угостителските објекти за сместување, хотели, мотели, хостел, пансион и други објекти за сместување или на бензински станици. А, оние угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна. Можат да остваруваат продажба на алтернативни начини: онлајн или телефонски нарачки и слично. И, сите заедно, да вршат достава или да овозможуваат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект преку штанд/пулт, почнувајќи од 7 април 2021 година (среда) до 20 април 2021 година (вторник).
 
Исклучок од ова се, угостителските објекти на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителските објекти, деловите за исхрана во угостителски објекти за сместување, хотел, мотел, хостел, пансион и други објекти за сместување, за посета од лица сместени во овие објекти.
 
Четврто, целосна забрана за посетители и гости во сите обложувалници, односно приемот на посетителите и работата на обложувалниците да биде овозможена исклучиво преку вршење на шалтерска услуга, шалтер, штанд, пулт. Односно, угостителскиот објект, дел во обложувалниците, како и во казината, да биде затворен за посетители почнувајќи од 7 април 2021 година (среда) до 20 април 2021 година (вторник).
 
Следно петто,  целосна забрана за посетители и гости во сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, почнувајќи од 6 април 2021 година (вторник) до 20 април 2021 година (вторник).
 
Шесто, се забранува организирање, одржување и присуство, учество на секаков вид на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков вид почнувајќи од 6 април 2021 година (вторник) до 20 април 2021 година (вторник).
 
 На земјоделците им се овозможува движење врз основа на дозволите од подрачните единици и општинските кризни штабови до пазарите и назад од пазарите, до нивите и слично. Мерка која што беше овозможена пролетта.

Следно, за време на забраната и посебниот режим на движење на територијата на Република Северна Македонија сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и што имаат домашни миленичиња (куче) да може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во времетраење од еден час, почнувајќи од 22:00 часот до 23:00, најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат.

Останува на сила, строгата забрана за групирање на повеќе од четворица граѓани.
 
Почитувани,

Почитувањето на новите мерки е неопходност. Бара максимална одговорност од секој граѓанин и максимална ангажираност на институциите со цел нивно доследно спроведување.
 
Ќе има зајакнати инспекциски контроли и полициски активности, со цел да се спречат несовесни, масовни групирања.
 
Ова е момент кога е потребна целосна мобилизација на граѓаните и општеството во заштитата на јавното здравје кое што е обврска на секој од нас.
За жал, мораме да констатираме дека досега недоволно се почитуваа мерките на лична заштита и мерките на колективна заштита. Посебно, олабавеност се гледа во последните седмици.
 
Почитувани,
 
Најновиот вирусен бран со новиот сој на вирусот, не се споредува со минатите бранови.
 
Вирусот во овој бран е многу поопасен и многу побрзо прогресира.
 
На заболените граѓани се случува многу побрзо и неочекувано да им се влоши состојбата, дури и после првиот контакт.

Во овој бран, заболуваат и млади луѓе и последиците и кај нив може да бидат исклучително сериозни, дури и фатални.
 
И важно е, да се има предвид дека повозрасните граѓани, кои не се движат колку младите, сепак се доведуваат во ризик, поради можноста да им биде донесен вирусот дома.
Затоа, клучно е да се ограничи бројот на контакти, коишто ги правиме со други луѓе.
 
Во мое име и во името на Владата, апелирам:

Седете дома овој период!

Не излегувајте ако не е потребно и никако не се групирајте!
 
Овие мерки ги воведуваме во пресрет на празниците, со цел да овозможиме празничните денови секој граѓанин и секое семејство да ги помине во мир и спокој, со саканите на број и на трпезата во домот. Тоа, убеден сум, секому е првата желба за овие празници. Да сме здрави и заедно со саканите.
 
Со овие мерки очекуваме да се намали ширењето на заразата и да се намали притисокот врз здравствените работници.
 
Во меѓувреме, процесот на вакцинација продолжува да тече непречено. Се вакцинираат највозрасните и хронично болните, кои се и најизложени на можна инфекција и заболување.
 
Почитувани граѓани,
 
– Овие две недели бидете дома со своите најблиски, колку можете повеќе!
– Задолжително да носите маски;
– Задолжително да одржувате растојание во физичките контакти;
– Не се групирајте и не организирајте никакви прослави.
 
Ова е моментот кога треба да се исправиме најсериозно и најодговорно и да се заштитиме и себеси и нашите најблиски.
 
Повикувам на максимална одговорност од сите. Сите заедно да се спротивставиме на ширењето на опасниот вирус. Сите заедно овие две недели да се исправиме и да го возвратиме ударот врз тековниот КОВИД бран.

Оваа битка е заедничка и можеме да ја добиеме само заедно.“