Скопјанката Николина Влаисављевиќ на „Групер“ купила купон за специјалистички преглед за мајка и која боледува од канцер на дојка, во приватната ординација „Асклепиос“, но по направениот преглед, ординацијата одбила да и ги издаде резултатите од направеното испитување, поради тоа што, како што и рекле оттаму, чекаат потпис од Министерството за здравство за нивната работна дозвола. Влаисављевиќ до Државниот санитарен и здравствен инспекторат доставила претставка за случајот, а на „Групер“ купоните се повлечени од продажба. Во меѓувреме, на пациентката Благица Димовска, на прегледот и било усно кажано дека има проблеми и промени на другата града, но без официјален извештај од резултатите семејството не може да појде на онколог и да се бори за животот на жената која боледува од канцер,објави slobodenpecat.mk.
Ординацијата е во сопственост на сопругата на претседателот на ,,Интегра” доктор Лидија Ристовска, долгогодишен лекар со сите лиценци, специјалист интернист и супспецијалист кардиолог.
Таа за Слободен печат објаснува дека проблемот настанал затоа што нејзината поранешна ординација, што постоела од 2012 година, ја затворила за да отвори друг правен субјект со цел да одбегне плаќање на надоместок за лиценца кој изнесувал фрапантни 45.500 денари месечно. Со новото отворање на фирма, нејзината концесија би се намалила на само 900 денари месечно и поради тоа таа самата инсистирала да ја затвори старата фирма и да земе нова лиценца за нова. Така и се случило. Но, за неа неочекувано било дека потписот од министерот за здравство Венко Филипче на финалниот документ, односно на дозволата за работа, ќе доцни. Така, на „Групер“ продолжиле да се продаваат купоните за нејзините медицински услуги.
Од „Групер“ велат дека се платформа преку која компаниите можат да продаваат производи или услуги, но тие како компанија не се носители на услугата.
Текстот во целост на: slobodenpecat.mk.