Денеска со пригодна свеченост во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, во присуство на државниот врв, дипломатскиот кор, локалната самоуправа, раководството на Министерството за внатрешни работи и гости, со доследно почитување на Ковид-19 мерките и протоколите, беше одбележан 7 Мај – Денот на македонската полиција.
Во своето поздравно обраќање пред присутните, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, честитајќи го празникот на полицијата како „колега и сојузник“ се осврна на постигнатото во изминатиот период, во една тешка година, кога светот се соочи со пандемијата со коронавирусот.
„Горд сум што и покрај несаканата ситуација на глобално ниво, покажавме дека во ова министерство работат професионалци кои неуморно ги извршуваат своите обврски, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и за секојдневните потреби на граѓаните. За ефикасноста на полициската работа покажуваат конкретните резултати во борбата против криминалот. Со задоволство можам да констатирам дека во речиси сите сегменти е очигледно подобрувањето на резултатите, а евидентно е и генералното намалување на криминалитетот. Така, во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година кривичните дела бележат намалување за 9,5%, во споредба со истиот период лани. Организациските единици во БЈБ активно постапуваат по седум оперативни акции и резултатите се видливи: зголемена откривачка функција на наркотици и оружје, спречување на илегалната миграција и криумчарењето на мигранти, санкционирање на економскиот криминал, сузбивање на сериозниот и организиран криминал. Зајакнатите сообраќајни контроли, пак, придонесоа за создавање на што побезбедни средини за граѓаните, па 2020 година беше година со најмалку жртви во сообраќајот. Покажавме дека знаеме да застанеме храбро и одважно во заштита на бескомпромисното владеење на законите, бидејќи нашата заедничка цел е нулта толеранција за корупцијата, нулта толеранција за сите кои ќе го прекршат законот, без исклучок!“, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека ваквите резултати влијаат и врз зголемување на довербата од страна на граѓаните, но и врз имиџот на МВР, кое прерасна во институција која што претставува заштитник на слободите и правата на граѓаните, на нивната сигурност и безбедност, како и на сигурноста и на безбедноста на општеството во целина.
Според Спасовски денешната визура на МВР е производ на интензивните и динамични реформи, во соработка со меѓународните партнери, академската јавност и граѓанското општество, а во тој процес на трансформација, МВР со своите вработени претставува реална слика на мултиетнички обединетото општество, со евидентни позитивни промени и во обезбедување на родова еднаквост и еднакви можности во полицијата.
За професионализацијата и модернизацијата на полицијата Спасовски рече: „Она што беше визија пред три и пол години, денеска е реалност – реконструиравме 55 објекти, кои сега имаат додадена вредност, бидејќи се енергетски ефикасни. Набавката на униформи стана редовна активност, а не исклучок! Обезбедивме пловни објекти, мотоциклистичка опрема, а годинава, за обнова на униформи и опрема, во буџетот имаме обезбедено близу половина милијарда денари, што е еден од највисоките износи во историјата на министерството“ и им порача на полициските службеници: „Заеднички да продолжиме по чесниот пат, зашто тој е вистинскиот!“.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во своето обраќање, рече: „Ова е значаен ден затоа што станува збор за структура, која има незаменлива улога во спроведувањето на законите, одржувањето на јавниот ред и мир, почитувањето на човековите права и слободи и заштитата на државните граници. Со само еден поглед врз овие исклучително важни надлежности станува јасно дека од работата на Министерството за внатрешни работи во голема мерка зависи и довербата на граѓаните во својата држава и во нејзините највисоки институции. Таа доверба на граѓаните во институциите мора секојдневно да се потврдува, независно дали се работи за мали локални инциденти, за борбата против криминалот и корупцијата, или за големите глобални проблеми каква што е пандемијата на КОВИД-19. Повеќе од една година полицијата е една од клучните алки во справувањето со пандемијата. Полициските службеници се деноноќно задолжени да асистираат на здравствениот систем во спроведувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот. Затоа, во името на македонските граѓани и во мое лично име ви благодарам!“.