Различни пароли во знак на поддршка на Палестина, како „Израел терорист“, „Треба да се биде тивок кога децата спијат, а не кога умираат“, „По Сребреница рековте ‘никогаш повеќе’… Засрами се свету! Слободна Палестина!…“ се само дел од вчерашните протести со кои Скопјани го покажаа револтот кон последните збиднувања помеѓу Израел и Палестина.
Викендов низ светот се одржаа пропалестински протести, а вчера и во Скопје имаше протест за поддршка на палестинскиот народ. Социјалниот центар „Дуња“ и „Гласни идеи“ на плоштадот Македонија го организираа протестот во знак за солидарност со палестинскиот народ и нивниот отпор. Левичарскиот протест помина во апел за да сопре окупацијата на Газа и нејзиното бомбардирање од страна на Израел, како и да запре присилното иселување на Палестинците.
Својот револт во исто време и на идентично место во Скопје го искажаа и муслимански верници, кои организираа марш од плоштадот Македонија кон Музејот на холокаустот. Тие скандираа „Алаху Акбар“ и држеа транспаренти и банери со натписи „Ал Акса секогаш ќе ни значи“, „Стоп за крвопролевањето во Палестина“, „Против присилно иселување“ и „Израел, целиот свет гледа“.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху преку Твитер денеска им се заблагодари на земјите кои го поддржаа Израел во последните судири со Палестинците. Меѓу балканските земји, се најде и знамето на Северна Македонија.
Тој напиша – „Ви благодарам што цврсто стоите со Израел и го поддржувате нашето право да се браниме од терористички напади“, стои на официјалниот Твитер профил.
Инаку, протестот за поддршка на палестинскиот народ во Скопје помина мирно, но тоа не беше случај со собирите кои се одржаа во другите земји низ светот. Во Париз, полицијата со водени топови ги растури пропалестинските протести, кои беа забранети од француското Министерство за внатрешни работи. Жесток протест имаше и во Атина, каде грчката полиција употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите.