ПРОМОВИРАН ПРОЕКТОТ „ОБУКИ ЗА НАПРЕДНИ ТЕХОНОЛГИИ ВО АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА“

Градоначалникот Константин Георгиески денеска во ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ присуствуваше на промоција на проектот „Обуки за напредни технологии во автомобилската индустрија“ кој ќе се имплементира во соработка со компанијата „Костал“ и со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија.

Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Георгиески истакна дека ваквиот модел на соработка е од исклучително значење за создавање на подобри услови за практична настава во техничките струки, но и за креирање на квалификуван кадар кој ќе може да одговори на потребите за стручна работна сила кои ги имаат компаниите.

– Општина Охрид секогаш е подготвена да даде поддршка на вакви иницијативи и да стимулира ваков вид на соработка. Странските инвестиции во нашиот регион, како што е фабриката на компанијата „Костал“ ја наметнаа потреба од стручен кадар и креирање на образовен систем кој ќе продуцира обучени работници што може да се вклопат во процесот на производство. Во таа насока е и системот на дуално образование, кој веќе успешно функцинира во ова стручно училиште. Дуалното образование ги комбинира содржините кои се предаваат на училиште со практична обука во компанијата. Со тоа на компаниите им се овозможува да вработат квалификувани работници со соодветни вештини, а учениците имаат можност да бидат обучувани директно во компаниите и во реални работни околности.

Би сакал да споменам во последните две години значително сме посветени на инвестиции за подобрување на условите за образование во целата општина. Особено сум горд што преку голема посветеност на локалната самоуправа и раководството на училиштето, успеавме ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ да го претвориме во репрезентативно училиште со значително подобрени услови за настава. Во текот на изминатиот период тука беа реализирани значајни реконструктивни зафати, беше извршена промена на покривот, поставена е нова фасада, поставена е нова дограма, беа реконструирани подовите и таваните и беше поставено ново лед осветлување. Исто така изградена е и нова спортска сала која е опремена по највисоки стандарди. Планираме и понатаму продолжиме да работиме за подобрување на условите во ова училиште, со цел да се зголеми бројот на ученици кои ќе се одлучат за кариера во техничките струки, рече Георгиески.

Тој упати благодарност до Швајцарската амбасада за досегашната соработка и поддршката која ја обезбедува во повеќе сегменти од општественото живеење во Охрид и изрази надеж дека ваквата соработка ќе продолжи и во иднина.

На промотивниот настан присутвуваше амбaсадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, Сибил Сутер и претставници на менаџерскиот тим на компанијата „Костал“.

Во рамки на проектот „Обуки за напредни технологии во автомобилската индустрија“ ќе бидат спроведни шестмесечни обуки наменети за 16 професори и 20 ученици од ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ од страна на ментори од компанијата „Костал“.