Истрага за проневери во ФФМ вредни над 180 милиони денари

Јавното обвинителство бара притвор за осум лица и мерки за претпазливост за уште четири, уапсени во рамките на истрага за проневери и злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), во вредност од над 180 милиони денари.

Со истражната постапка се опфатени 18 физички и осум правни лица. Сите 12 уапсени, меѓу кои и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, се изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд – Скопје. Судот треба да одлучи по барањата на обвинителството. Пет лица се сè уште недостапни за органите на прогонот.

Второосомничениот, Муамед Сејдини, веќе се наоѓа во притвор за друго кривично дело поврзано со проневера.

Детали од истрагата и обезбедени докази
Јавниот обвинител Фатон Азизи изјави дека акцијата е успешна, но дел од осомничените не се пронајдени.

„Пет од вкупно 18 лица не се достапни. Очекуваме да се појават и да дадат своја изјава во врска со истрагата“, рече Азизи.

Обвинителството донесе наредба за истрага против лица осомничени за проневера, злоупотреби и перење пари. Според доказите, во периодот од 2015 до 2019 година, преку 728 платни налози биле исплатувани средства за услуги и стоки кои никогаш не биле испорачани на ФФМ. Нанесената штета се проценува на околу 180 милиони денари, односно речиси три милиони евра.

Шема на злоупотреби и финансиски малверзации
Според истрагата, прво- и второосомничениот, како претседатели на ФФМ, заедно со раководителка во финансии, овозможиле незаконска исплата на средства. Според обвинителството, биле издавани фактури со невистинита содржина, услуги никогаш не биле извршени, средства биле извлекувани преку правни лица и парите биле пуштани во финансискиот промет за прикривање на потеклото

Во координирана акција на Обвинителството, Финансиската полиција и МВР, беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје. Акцијата е резултат на повеќегодишна предистражна постапка и претходно поднесена кривична пријава за проневера од околу 2,4 милиони евра.

DW