По повеќе од една година принудени прекини на летовите, здруженијата на авиокомпании стравуваат од хаос за време на летните одмори, бидејќи патниците може да чекаат со часови за да се качат во авионот поради здравствените проверки.
Иако вакцинацијата напредува во сите европски земји и бројот на новозаразени се намалува, сè уште се вршат построги контроли на повеќето европски аеродроми, пренесува Франс 24.
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) објави дека патниците денес поминуваат три часа на аеродромите, или двојно повеќе време отколку во 2019 година. Дури и пред пандемијата, патникот мораше да го земе предвид времето за пријавување, безбедноста и контролата на пасош, вадење багаж, минување низ царина. Но, сега има нова обврска.
Авиокомпаниите треба да ја проверат температурата на патниците и да проверат дали има тест на ковид-19, што можат да го направат и на аеродромот. Времето на чекање на аеродромите е зголемено, иако обемот на сообраќај е само 30 проценти од нивото пред пандемија, се вели во соопштението на ИАТА. Ако сообраќајот се врати на 75 проценти од нивото пред пандемијата, времето на чекање може да се искачи на пет и пол часа. А можеби и подолго, предупредуваат експертите.
Доколку сообраќајот целосно се нормализира, IATA проценува дека луѓето можат да поминуваат до осум часа на аеродромите. Но, европската подружница на Airports Control International (ACI Europe) очекува 125 милиони луѓе да патуваат со авиони во август, или половина од патничката популација во 2019 година.
Еуроконтрол, организацијата задолжена за безбедност на летањето, предвидува сообраќајот во август да се движи меѓу 46 и 69 проценти од истиот од август 2019 година, во зависност од движењето на бројките на пандемијата.
Европската унија воведува дигитален пасош од 1 јули, во кој ќе се запише дали патникот е вакциниран, има имунитет затоа што имал корона или бил тестиран. Ова треба да го олесни патувањето во екот на сезоната. Дотогаш, секоја земја има своја политика, што се заканува со хаос на аеродромите.