Од 1 октомври недела станува неработен ден за сите, соопшти премиерот Зоран Заев по денешната владина седница. Усвоени се измените во законите за работни односи и за трговски друштва и тие ќе бидат испратени до Собранието.
Посебна грижа, рече Заев, се водело за работниците каде што не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес. На овие работници ќе им следува додаток на плата за работа во недела и тие ќе добијат опција да имаат слободен ден во друг ден од неделата.
„Ова беше приоритет на нашата програма, направена со синдикатите и работодавачите. Недела ќе стане ден за одмор и со ова ја поддржуваме грижата и поддршката за работниците. Со ова ќе се создаде рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот. Работничката и работникот ќе бидат поефикасни и помотивирани, но и ќе имаат приватен живот, за партнерски заедници, за пријателите“, рече Заев.
За секое непочитување на законите, ќе следуваат санкции – забрана за вршење дејност или прекршочен налог.