Сонот го испишавме, одиме да испишеме историја, порачува капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев, на стартот на Европското првенство во фудбал, најавувајќи дека ова се, можеби, неговите последни репрезентативни натпревари.
„Дојде и тој ден кога почнува Европското првенство… Денот што го сонував долго време низ мојата кариера. Македонија да игра на едно вакво големо натпреварување… Можеби ова се последните мои натпревари за македонската репрезентација. Сакам како капитен да ви се обратам на цела нација. Оваа генерација е најсветото нешто на македонскиот фудбал, ова е генерацијата што ја обедини цела Македонија… Горд сум на секој момент и секоја капка пот пролеана во светиот дрес. Сонот го испишавме, одиме да испишеме историја. Бидете со нас и навивајте за Македонија“, вели Пандев во обраќањето на Инстраграм.
Македонската репрезентација за првпат настапува на едно европско првенство. Фудбалерите се дел од групата Ц заедно со Австрија, Украина и Холандија. Првиот натпревар го играат утре -недела од 18 часот против Австрија.