Tерасите на сите угостителски објекти од денеска ќе работат без ограничување.
Дозволено е организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси со максимум 50% исполнетост на капацитетот на отворениот дел
Граѓаните од денеска ќе можат слободно да се движат во вечерните часови, откако Владата го укина полицискиот час и ограничувањето за движење, коешто досега беше на сила. Нема веќе ниту ограничување од 100 гости на свадбите, а летово ќе можат да се одржуваат и концерти и забави на отворено. Одлуката следи по препораката на Комисијата за инфективни болести, која оцени дека епидемиолошката состојба во земјата се стабилизира со намалување на бројот на позитивни случаи на Ковид-19 и зголемување на бројот на вакцинирани.
Од денеска се укинува ограничувањето на работното време на сите угостителски објекти, а за време на работно време се дозволува работа само на отворените делови – тераси од угостителскиот објект, освен служење пијалоци во внатрешноста на казината и автомат клубовите. Се дозволува одржување настани на отворено со 50% од капацитетот на просторот и ограничен број на посетители до максимум 1000 посетители. Дозволено е организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси со максимум 50% исполнетост на капацитетот на отворениот дел, наместо максималните 100 гости како што беше досега.
Донесен е заклучок да престане да важи обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора, која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.
За првпат полициски час во С. Македонија беше воведен на 22 март минатата година, по што граѓаните поминаа и неколку викенди во карантин. Во меѓувреме полицискиот час беше укинат, за во март годинава повторно да се врати на сила откако здравствените власти укажаа дека најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, како и непочитување на мерките за носење маска, држење дистанца и групирање. Со последната одлука на Владата изминатиов период беше на сила полициски час кој почнуваше на полноќ и траеше до 4 часот изутрината.