Активни со Ковид-19 се 413 случаи во државава, од кои 158 се во Скопје. На инфективните одделенија се лекуваат 90 пациенти со Ковид-19 од кои 26 во Скопје, а 64 во ковид-центрите во другите градови.
Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, од направени 3.529 тестирања, регистрирани се 10 нови случаи со Ковид-19, 18 оздравени пациенти и нема починати.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.593, бројот на оздравени пациенти е 149.708, а на починати е 5.472.
Министерството за здравство соопшти дека завчера биле аплицирани 4.299 вакцини. Досега се вакцинирани вкупно 265.164 лица, а за вакцинација се пријавиле 453.180 граѓани.
– Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 453.180 граѓани, посочија од Министерството за здравство.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 265.164 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.036 граѓани, а во текот на вчерашниот ден вкупно се вакцинирале 4.299 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 462.415 дози вакцини, а ревакцинирани се 197.251 граѓани.
Со последните бројки барем една доза вакцина имаат примено 48 отсто од населението над 70 години , 42 проценти од оние над 65 години и 36 отсто од граѓаните над 60-годишна возраст.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.