Струјата не би требало да поскапи, но не се очекува ниту нејзино намалување! – ова е ставот на познавачите на проблематиката откако вчера ЕСМ понуди за 7% пониска цена од лани.
Според Константин Димитров дополнително олеснување ќе биде и намалувањето на ДДВ-то од 18 на 5%. Додека Александар Дединец пак смета дека не би требало да се избрзува.
„Дали ќе биде цената на електричната енергија поевтинета сега затоа што се намалува и ДДВ-то од 18 на 5%, ако и ова се намали јас не очекувам дека РКЕ ќе дозволи да се зголеми цената поради побарување на МЕПСО и ЕВН.“ изјави за Канал 5 Константин Димитров, МАЦЕФ.
„Она што го направи ЕСМ е за поздравување од страна на потрошувачите, но не очекувам дека ќе има намалување на цена затоа што пак МЕПСО излезе со она од кое се стравуваше, тоа ќе придонесе за зголемување на нивната тарифа.“ изјави за Канал 5 Александар Дединец, научен соработник во МАНУ
ЕСМ вчера понуди цена од 36,1 евро за мегават час, или за 7% помалку од лани кога цената беше 38,8 евра за мегават час. Но, државните електрани лани поради пандемијата завршија и со загуба од над 16 милиони евра, додека преносниот систем (МЕПСО) речиси со над 6 милиони евра.За ова – експертите со различни толкувања…
„Ако некој продавал нешто со одредена повисока цена а направил енормна загуба и сега производот наместо да го покрие, да оди со пониска цена, нема економска логика.“ / „Навистина чудно и води кон непријатен заклучок дека несвесно се уништува се носи кон банкротирање.“ истакна за Канал 5 Константин Димитров, МАЦЕФ
„Овие калкулации кои ги имаат направено за пониска цена е дека одредена количина ќе продаваат на слободен пазар каде цена е повисока и на тој начин ќе компензираат она што ќе го загубат.“ / „Ова е добра вест за потрошувачи, но не е за компании треба да имаме предвид дека во наредните години ќе има пораст на цената на електричната енергија.“ изјави за Канал 5 Александар Дединец, научен соработник во МАНУ
Со реакција за загубите се огласи и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој на својот ФБ профил напиша:
„…Со новата цена, загубата ќе се зголеми за нови 4,3 милиони евра и до крајот на годинава ќе биде поголема од 20 милиони евра….“
Новата цена на струјата ќе биде позната веќе наредната недела, откако Регулатрона ќе ги заврши анализите и ќе каже што од барањата на енергетските компании ќе биде прифатено. Евентуалната промена ќе важи од 1 август годинава. Лани по барање на енергетските компании, струјата поскапе за 7,4%.