Министерот за здравство вели дека вакцинацијата против Ковид-19, за жал, не е задолжителна, но дека мора да се размислува за некои рестриктивни мерки.
Речиси две години од почетокот на пандемијата со Ковид-19 во светот, битката за што поголема имунизација на населението, со цел постигнување колективен имунитет против смртоносниот вирус, сè уште трае. По повеќемесечните напори да се обезбедат доволно вакцини за сите, сега земјите се наоѓаат пред нов предизвик – како да го мотивираат, пред се помладото население, да се вакцинира. Преку кампањи и теренски активности, со воведување задолжителна вакцинација, или со подароци, бонуси, наградни игри, слободни денови или платен одмор – повеќето од земјите го мотивираат населението да ја прифати имунизацијата. Често ваквите обиди се оценуваат повеќе како поткуп, отколку како поттик, што предизвикува бројни полемики во јавноста. Додека некој стимулира со подароци, други воведуваат ограничувања за невакцинираните и повластен однос за оние кои одлучиле да се имунизираат. Дел од земјите се одлучија и за задолжителна вакцинација на здравствените работници. Дали вакцинацијата ќе стане задолжителна и во С. Македонија?
Социологот Илија Ацески вели дека системот на казна и награда веројатно ќе биде најмоќната алатка којашто ќе ги мотивира граѓаните да се вакцинираат против Ковид-19
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека вакцинацијата против Ковид-19 никаде во светот, за жал не е задолжителна, но дека мора да се размислува за некои рестриктивни мерки.
„Свесни сме дека можеби и покрај сè што правиме, интересот за вакцинација нема да се зголеми. Размислуваме за некаква форма на рестрикција, ние не можеме и нигде во светот вакцинацијата не е задолжителна. Затоа мораме да размислуваме за некои други алтернативни решенија, на пример да се присуствува на настан со масовно присуство, дали на отворено, дали во затворено, дали во кино, дали културен настан, дали други објекти, само со таков сертификат“, изјави денеска Филипче.
Во однос на тоа дали ќе се бара задолжителна вакцинација за здравствените работници и кај нас, Филипче рече дека опфатот на вакцинирани здравствени работници е висок, околу 85 отсто. Се чекаат анализите за процентот на вакцинираните вработени во образованието и во градинките. На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 428.081 граѓани. До крајот на јули се очекува да бидат 500 илјади вакцинирани. Во тек се теренски активности на Министерството за здравство, со цел да се доближи вакцинацијата до најодалечените региони. Во меѓувреме започна и вакцинацијата на граѓаните без закажан термин, а од петок е планирано да започне и имунизацијата на децата над 12 години. Според надлежните, само на тој начин ќе може да се постигне колективен имунитет, којшто ќе штити и од најновите уште позаразни мутации на Ковид-19. Но, како да се мотивираат, особено помладите за да ја примат првата вакцина?
Награда и казна
Додека некои сметаат дека е неопходно да се спроведе позасилена кампања, со учество на лица на кои граѓаните им веруваат, социологот Илија Ацески за ДВ вели дека системот на казна и награда веројатно ќе биде најмоќната алатка којашто ќе ги мотивира граѓаните да се вакцинираат против Ковид-19. „Кога не ќе можете да патувате и да се качите во авион, да одите во диско и во кафеана, кога ќе ве исклучат од социјалниот живот, и буквално ќе останете надвор од системот, голема е веројатноста дека тоа ќе ве натера да ги послушате апелите за вакцинирање, бидејќи само така ќе ви се отворат вратите за враќање во нормалниот живот“, вели Ацески.
Оваа стратегија, според социологот, може да даде и највеќе резултати во борбата со поддржувачите на теориите на заговор. „Мерките на ограничување на социјалниот живот, доколку не се прими вакцина, се најделотворни во случајов. Одговорноста е кај тој којшто нема да постапи како што му се советува и ќе биде санкциониран доколку ги прекршува правилата“, вели Ацески.
-повеќе на темата: Вакцинација во Грција: Меѓу поттик и поткуп
Во антропологијата, додава тој, е присутна таа појава кога поединецот сака да се спротивстави секогаш кога му се наметнува нешто. Се јавува некој отпор кај него, еден внатрешен протест којшто тешко може да се сузбие. „Потоа како проблем се јавува и тоа што има многу информации, дезинформации, теории на заговор, со коишто секојдевно се бомбардирани граѓаните, дека сето ова е измислено за моќните да ги држат во потчинетост послабите. Сето тоа влијае при одлуката и создава конфузија при размислувањето“, вели Ацески.
Како проблем се наметнува и немањето доверба во надлежните институции, спротивставените тврдења на експертите за вирусите што доведува до конфузија кај граѓаните кои постојано си го поставуваат прашањето: На кого да му верувам? Во една таква конфузна ситуација, медиумите, зајакнатата кампања и стратегија на здравствените институции можат да одиграат улога за што подетално информирање на граѓаните за ефектите од вакцинацијата и какови опасности ги демнат доколку останат незаштитетни пред налетот на новите мутации на Ковид-19.
Мотивација за вакцинација
Но, какви се искуствата на другите земји во светот во однос на начините за мотивација на населението за да се вакцинира? Израел, која е меѓу водечките земји според процентот на вакцинирани жители, се врти кон баровите за да ги охрабри помладите жители да се вакцинираат. Во Тел Авив е поставен центар за вакцинација надвор од бар, а се нудат вакцини што доаѓаат со бесплатен пијалак.
Дел од земјите, се одлучија да им дадат ситни подароци, награди, бонуси, разни привилегии за оние коишто во својот џеб ќе го имаат сертификатот за вакцинација
Откако спласна интересот за вакцинација и во Германија, политичарите и експертите се расфрлаат со креативни идеи за тоа како да убедат што повеќе граѓани да се вакцинираат. Сè помалку граѓани резервираат термин за вакцинирање, а многумина, кои го направиле тоа не се појавуваат на закажаниот термин. Можно е за тоа да е виновна сезоната и на годишни одмори и тоа дека многумина повеќе би сакале да се сончаат некаде на Средоземното Море отколку да се појават на терминот за втората вакцина.
-повеќе на темата: „Подзаспана“ имунизација во Германија: 500 евра награда за вакцинирање?
Се поголемиот број на новозаболени во Франција, го натераа претседателот Емануел Макрон, да нареди задолжителна вакцинација на сите здравствени работници во земјата до 15 септември. Макрон исто така ги предупреди Французите да ги почитуваат препораките и да се вакцинираат, инаку земјата повторно ќе треба да воведе рестриктивни мерки.
Германија не планира задолжителна вакцинација како во Франција, но канцеларката Ангела Меркел вчера испрати порака до граѓаните – вакцината ги штити и вашите блиски. Заради справување со поагресивните мутации на коронавирусот, треба да бидат вакцинирани 85 % од населението од 12 до 59 години, како и 90 % од граѓаните над 60-годишна старост, но земјата од оваа квота е уште многу далеку.
Во обид да го спречи ширењето на коронавирусот, и грчката влада воведува ограничувања и казни за оние кои не се вакцинирани. Здравствените работници веќе немаат право на избор. Тие ќе бидат суспендирани од работа доколку одбијат да се вакцинираат согласно новите правила кои ги најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.Вработените во домовите за нега ќе бидат суспендирани доколку не закажат вакцинација до 16 август годинава, а од септември истото ќе важи и за сите вработени во државното и приватното здравство.Од петок, 16 јули, до крајот на август, само вакцинирани лица ќе смеат да влегуваат во објекти од затворен карактер како барови, кина, театри или шопинг центри.
Деновиве пристигна и информација дека со цел да се спаси туристичката сезона, грчката влада ќе им исплаќа премија од 150 евра на луѓето под 26 години кои биле вакцинирани. Но, не сите засегнати сметаат дека е добро. Од 15 јули, сите вакцинирани лица на возраст под 26 години ќе добијат 150 евра. Премијата треба да се исплати дигитално по првата доза на вакцинација и може да се искористи за билети за брод, воз и авион, сместување за одмор или за карти за концерти и музеи. Премиерот Кирјакос Мицотакис свечено зборуваше за „Пропусница за слобода“ од која може да профитираат околу 940.000 помлади граѓани.
Ако веќе мораме, тогаш нешто да ќариме
Дел од земјите, сепак се одлучија за ситни подароци, награди, бонуси, разни привилегии за оние коишто во својот џеб ќе го имаат сертификатот за вакцинација. Па така, медиумите пишуваат за работодавачи кои им поделиле бонуси на вработени, за компании кои ги частат вакцинираните со слатки, крофни, пијалоци, бесплатно возење, па дури и марихуана.
-повеќе на темата: Дали со награди се зголемува подготвеноста да се прими вакцина?
Во Кливленд, маркет реши да понуди пиво на сите клиенти кои ќе дојдат и ќе покажат доказ за вакцинација, што ќе го плаќаат само 10 центи. Во амбулантската клиника во Мичиген специјализирана за медицинска марихуана, секој кој има над 21 година и веќе примил вакцина, може да земе количина доволна за еден месец. Градоначалникот на Москва воведе лотарија со автомобил како главна награда за да се охрабрат скептиците да се вакцинираат против коронавирус во Русија, којашто се соочува со пораст на бројот на заразени. Експертите велат дека нудењето стимулации не е нужно најефикасен или економичен начин за зголемување на бројот на вакцинирани. Сепак, тоа не ги спречи работодавачите да понудат еден куп бесплатни артикли во замена за доказ за вакцинација.
Експертите велат дека нудењето стимулации не е нужно најефикасен или економичен начин за зголемување на бројот на вакцинирани
„Ако веќе мораме, па нешто и да ќариме – тоа е истата психологија којашто функционира и за време на избори. Некои од граѓаните си велат – ајде да ќариме од целата ситуација, кога веќе мора да се вакцинираме“, вели Ацески, коментирајќи ја појавата на делење ситни подароци како поттик за вакцинација.
Но, тој смета дека подароците што се еден вид на поткуп, не можат да бидат толку ефикасни како ускратувањето на одредени права. Тоа, според него, е еден од најздравите механизми кој може да го рационализира однесувањето на поединецот. Тоа секого ќе го соочи со реалноста дека многу работи кои ги посакува ќе му бидат ускратени. Ацески ја нарекува еден вид на педагошка мерка – „благо убедување“ дека секој мора да се вакцинира, бидејќи нема друг начин за да се заштити од пандемијата.
Извор :DW