Скопје и годинава со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 58 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога градот се разбуди во урнатини под кои 1.070 лица го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Традиционално во понеделник, на 26 јули, во 10 часот пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел, официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќе.
Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиологија во понеделник (26.07.2021 година) ја организира традиционалната крводарителска акција. Акцијата, којашто почна во 9 часот и ќе трае до 17 часот, во Дневниот центар за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз”.
Традиционално по повод годишнината од земјотресот, Град Скопје и јавните културни установи ќе организираат многубројни настани.
Во Музејот на Град Скопје во понеделник во 19 часот ќе се одржи поетско читање на Организацијата на жени на Град Скопје, а во 20 часот ќе се отвори изложбата „Колаж на еден разурнат град”.