Во Изборниот законик остана досегашното (варијабилно) решение, така што, според членот 62, за учество на локалните избори се потребни од 100 до 450 граѓани потписи, во зависност од бројот на жители во одредена општина
Од 100 до 450 потписи на избирачи, во зависност од големината на одредена општина, ќе треба да соберат потенцијалните независниа кандидати за градоначалници и независните советнички листи и на овие локални избори, што беа распишани попладнево, така што првиот круг гласање ќе се одржи на 17 октомври. За кандидатура за градот Скопје ќе треба да се соберат 1 000 потписи.
Не успеа обидот на дел од парламентарните партии да протуркаат решение според кое независните кандидати мора да соберат потписи од два отсто од избирачите во една општина за да учествуваат на локалните избори. Овие предлог-измени на Изборниот законик, обелоденети во „пет до 12“, предизвика многу реакции од засегнатите страни во последните неколку седмици,но не стигнаа до реализација. Претседателот на парламентот Талат Џафери денеска ги распиша локалните избори, при што изјави дека сега би било некоректно да се правата измени во Изборниот законик, кога изборниот процес е веќе почнат.
ДИК вечерва го донесе Роковникот за спроведување на изборните дејствија, каде што е утврдено дека собирањето потписи почнува на 16 август, а ќе трае до 30 август на полноќ, поточно 15 дена. Рокот за доставување на кандидатурите за градоначалници и на листите за советници, пак, истекува на 11 септември на полноќ, независно дали станува збор за кандидати на партии/коалиции или на група избирачи.
Во Изборниот законик остана старото (варијабилно) решение за собирање потписи, така што, според членот 62, кога подносител на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, е потребно да се обезбедат:
- Во општината до 10 000 жители најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од избирачкиот список на општината,
- Во општината од 10 001 до 30 000 жители најмалку 150 потписи од запишаните избирачи,
- Во општината од 30 001 до 50 000 жители најмалку 250 потписи од запишаните избирачи,
- Во општината од 50 001 до 100 000 жители најмалку 350 потписи од запишаните избирачи,
- Во општината над 100 001 жители најмалку 450 потписи од запишаните избирачи во изводот од избирачкиот список за општината и
- Во градот Скопје најмалку 1 000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот
- список на подрачјето на градот Скопје.