Опозицијата конечно реши. На локалните избори ќе и даде поддршка на независната кандидатка Данела Арсовска. Ваква одлука денеска донел извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Поддршка за Арсовска денеска стигна и од коалицијата на Алијанса и Алтернатива со кого Мицкоски веќе договори соработка. На социјалните мрежи осамна заедничката фотографија на Арсовска со генреалниот секретар на Алијанса Таравари и кандидатот за градоначалник на Чаир Беким Сали од Алтернатива со кои утрово имала состанок. Таравари објавувајќи ја сликата порача дека промените во Скопје доаѓаат а неговата коалиција испрати соопштение.
На состанокот се разговараше за идеи и решенија кои ќе бидат дел од програмата за главниот град, а беше заклучено дека се потребни квалитетни и ефикасни решенија за Скопје и за сите скопјани – велат во соопштението испратено од Алијанса и Алтернатива по денешната средба со Арсовска.
Заедно со Арсовска како независен кандидат за Град Скопје во трката влегува и Ана Петровска но и порнаешниот пратеник Љубомир Јосифовски. Петре Шилегов ќе се кандидира како партиски кандидат на СДСМ, а слична кандидатура преку Левица најави и Перо Ѓеоргиевски Камиказа како и адвокатот Александар Тортевски преку Твоја партија.
На овие избори ќе има зголемување на бројот на независни кандидатури и советнички листи, а за премиерот Заев тоа е потврда за слободата и демократијата во земјата.
Назависните кандидати имаат рок да собираат потписи до утре на полноќ а партиите своите кандидатури можат да ги комплетираат до 11 септември.
Што се однесува до партиските кандидати, Мицкоски денеска потврди дека партијата донела одлука за уште десетина нови имиња кои планира да ги објави во текот на наредните два дена. Сител дознава дека меѓу нив е и Митко Јанчев кој ќе добие поддршка за нов мандат за градоначалник на Кавадарци.