Во 50 пописни реони во Македонија денеска почнува Пописот на население, домаќинства и станови. Статистичката операција официјално стартува изутринава во 8 часот, а ќе трае до 30 септември, до кога ќе трае и онлајн пописот на дијаспората, што почна на 1 март. Досега во дијаспората се попишани приближно 191.000 граѓани.
Во земјава по 20 години се спроведува попис. Последен пат ваква статистичка операција се спроведе во 2002 година, а надлежните сега уверуваат дека се е подготвено за пребројувањето на населението, домаќинствата и становите, со што ќе се добие точна бројка за населението, каде точно е распоредено, слика за половата, старосната, образовната, економската структура, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.
Надлежните потенцираат дека операцијата ќе биде безбедна со оглед на тоа што се спроведува во услови на пандемија на Ковид-19 и тоа во четвртиот бран, кога изминатиов период бележиме зголемување на бројот на заразени. Велат пописот ќе се спроведе безбедно со почитување на здравствените протоколи и не постои никаква шанса за ширење на вирусот.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера на прес-конференција најавувајќи го денешниот старт на пописот истакна дека институциите се подготвени за најголемата статистичка операција во земјава која не е спроведена речиси 20 години и ги повика граѓаните да ги примат попишувачите.
– По речиси 20 години, премежја, опструкции и одоговлекувања конечно сме на прагот да започнеме со теренската работа и со собирањето на потребите податоци. Сите подготовки се завршени. Комисите на пописните регони заедно со нашите државни инструктори успешно ги завршија обуките на реонските инструктори и попишувачи и денеска се излезени на терен во обиколка на своите пописни кругови, истакна Симовски.
извор/: агенции