Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши денеска потпишаа Договор за ново и стабилно парламентарно мнозинство и за учество на Алтернатива во составот на Владата.
На прес-конференцијата по тој повод, претседателот на Владата Заев истакна дека стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните на Северна Македонија.
„Новото мнозинство е одговор на барањето и потребите на граѓаните за стабилност. Граѓаните бараат стабилност – еве, испорачуваме стабилност. Новото мнозинство е одговор на потребите на државата и на предизвиците кои се исправени пред нас како општество“, истакна премиерот Заев.
Заев додаде дека вредноста на овој Договор создаден заради интересот на граѓаните е што е постигнат низ консултации и со искрен пристап кон предизвиците кои заеднички ги споделуваме.
„Се здруживме околу заедничката определба дека во овие моменти најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет и преземањето јасно утврдена одговорност пред граѓаните. Тоа е исклучително важно во време на сериозни предизвици, дома и на глобален план. Постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Република Бугарија, понатаму, справувањето со КОВИД-19 пандемијата и се разбира глобалната енергетска криза“, нагласи Заев.
Како коалициони партнери од новото стабилно парламентарното мнозинство, продолжи премиерот Заев, едногласни сме дека на Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време кога е неопходен јасен евроатлантски курс на дејствување.
„Само во такви услови можеме да чекориме напред, да продолжиме достоинствени да бараме решение со Бугарија и да очекуваме почеток на преговорите со ЕУ. Порака до ЕУ и посебно до пријателска Бугарија: Во Северна Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство и подготвени сме на европски начин со дијалог и меѓусебно почитување и разбирање да го надминеме проблемот и да го сочуваме и надградиме нашето пријателство меѓу двете држави и двата народи. Ние сме братски народи“, истакна Заев и додаде дека дома ни преостанува континуитетот на на европеизацијата на која ќе работиме со полн капацитет.