Премиерот Заев прими највисоко признание – Повелба на Сојузот на борците за долгогодишна посветеност и соработка: Вашата борба резултираше со државност, чест ми е да го продолжувам вашето дело, кое за мене е аманет
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев вчера на покана на Сојузот на борците (СБМ) во Клубот на пратеници прими Повелба на Сојузот на Борците, за долгогодишен и успешен придонес во поддршката и соработката со Главниот одбор на Сојузот, и негово издигнување на достоинствено државно ниво.
Премиерот Заев истакнувајќи дека е особено горд и благодарен што еден од неговите последни јавни настапи како Претседател на Владата е средбата со претставниците на Сојузот на борците, како член и продолжувач на традициите на слободарското антифашистичко движење и нивното наследство, подвлече дека останува неговата свечена обврска за понатамшна афирмација на големото, историско дело на храбрите борци на НОБ.
„Гордоста е голема, но честа и денеска да бидам со вас е уште поголема. Уште повеќе, кога во година кога го одбележуваме значајниот јубилеј 80 – години од Народното востание и секако 73 години од основањето на Сојузот на борците и сето тоа во рамките на 30- годишнината од независноста на нашата држава. Во бурни времиња на светската историска сцена вие презедовте историска улога. Препознавте дека пред вас е момент, кој не смее да биде пропуштен. Кренавте антифашистичко востание и ја поведовте Националната ослободителна борба, од која се роди и нашата држава. Држава, што на нејзината цел ја доведоа мажите и жените, припадниците на партизанските одреди на Народното антифашистичко ослободително движење“, истакна премиерот Заев во своето обраќање на средбата со претставниците на СБМ.
Повеќе на следниот линк: http://vlada.mk/node/27306