По 19 години државата ja спроведе најсложената статистичка операција – Попис на населението, домаќинства и становите. Сериозноста и големината на операцијата само ја покажува тоа што ова е прв попис по многу параметри – прв по речиси две декади, првпат во пандемија, првпат со комбиниран метод, прв на кој се попишува дијаспората и најважно од се, наспроти сите предизвици успешно завршен.
Податоците од пописот, кои треба да се објават до крајот на март годинава, ќе бидат основата врз која ќе се носат сите политики во следните десетина години – од инфраструктурни инвестиции, здравствени и образовни политики, до одлуки за странски и домашни бизнис инвестиции.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во изјава за МИА, вели дека е горд што со успешно спроведениот pопис, покажале дека Државниот завод за статистика е професионална и стручна институција во која работи професионален и стручен кадар, како и дека Република Северна Македонија за 2-3 месеца конечно ќе добие податоци со кои ќе може да го планира идниот развој на државата и да креира политики соодветни на реалната состојба од кои полза ќе имаат сите.
– Во текот на целата година нашите напори беа насочени кон конечна реализација на оваа активност истовремено справувајќи се најнапред со пандемијата, а секако и со големиот број на опструкции кои доаѓаа од различни страни – политички повици за бојкот, дебатирања и спротивставени мислења во однос на методологијата и новиот комбиниран начин на спроведување на Пописот. Но, и она што не го очекувавме, а се случи – огромниот број на хакерски напади на самата пописна апликација и на комуникациските канали на Државниот завод за статистика. Сите овие случувања за нас се една огромна лекција – научивме дека со искрена желба за успешна реализација на поставената цел, со посветеност и истрајност може да се надминат сите предизвици и да се покаже дека нашата институција и вработените во неа се, всушност, една успешна приказна од која сите можат да научат нешто, вели Симовски.
За тоа кога ќе можеме да кажеме дека пописот е завршен, Симовски вели дека на 30 септември 2021 година заврши теренскиот дел од Пописот, а веќе од 1 октомври започна следната фаза – обработката на податоците и дека тој ќе заврши со објавувањето на последниот сет од предвидените податоци за објавување и доставувањето на податоците во Евростат заради меѓународна споредба.
извор/фото: агенции