Капитални инвестиции во вредност од 10 милијарди и 885 милиони денари во делот на патната мрежа, железницата, гасификацијата и комуналната инфраструктура најавува Министерството за транспорт и врски за годинава. Планирани се активности за изградба на автопатски делници на Коридор 8 и Коридор 10 д, со 6,1 милијарда денари, интензивирање на изградбата на автопатот Кичево-Охрид и на експресните патишта, како и продолжување на изградбата на железницата кон Бугарија со 2,5 милијарди денари.
И за годинава се најавува интензивирање на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, проект на две влади, а за кој рокот за завршување повторно се пролонгира, овој пат до крајот на 2023 година.
Изградбата на автопатот, во должина од 57 километри, стартуваше во 2014 година во мандатот на претходната Влада. Требаше да биде готов до 2018 година, но по промената на власта, според образложението на надлежните институции, поради пропусти во проектирањето, со анекс на Договорот рокот беше продолжен 30 јуни 2021.
Од ресорот транспорт очекуваат дека со усвојувањето на законските измени за анексот за продолжување на изградбата, градежните работи ќе се засилат со потребната динамика. Веќе се одобрени 63 од вкупно 70 нови проекти за автопатот и се отстрануваат институционалните пречки. Реализирани се 62 проценти од работите, а седумгодишниот проект чини 598 милиони евра.
На автопатот Скопје-Блаце се очекува до средината на годинава да биде пуштена за сообраќај првата фаза од ГП „Блаце“ до село Блаце, во должина од два километри, како и да биде распишана постапката за избор на изведувач за втората фаза од село Блаце до аеродромот Стенковец. На првата делница се завршени 48 проценти од градежни работи, а во тек се активности за асфалтирање, ископи, канали и бетонирање на други објекти. Инвестицијата за првата делница изнесува 14,2 милиони евра. За втората, од село Блаце до клучката Стенковец, која е во должина од 10,5 километри, се најавува тендерска постапка за вториот квартал годинава. Се очекува во првиот квартал годинава да биде готов основниот проект и да бидат завршени и инфраструктурните проекти за да може да започне постапката за избор на изведувач. Проектот вкупно чини 120 милиони евра, обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ).
За наредниот период се очекуваат и конкретни чекори за реализација
на најавата од Владата за изградба на три нови автопати со целосно променети постапки за избор на изведувач, односно без тендер, според меморандум потпишан со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“
Собранието во јули лани го донесе Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола). Со него се овозможува реализација на Меморандумот на Владата со „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за кој власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.
Со законското решение се уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридорот 8 и Коридор 10 д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата.