Партијата добива уште еден потпретседател Гордана Димитриевска-Кочовска. Двајцата потпретседатели, Владо Мисајловски и Александар Николоски, остануваат на функциите. Во Извршниот комитет влегуваат аналитичарот Сашо Клековски, докторот Ристо Симеонов, актерот Зоран Љутков, пратениците Ели Панова и Миле Лефков, како и портпаролката Марија Митева. Генерален секретар на партијата останува Ѓорѓија Сајкоски.
СКОПЈЕ -Најголемата опозициска партија ВМРО -ДПМНЕ доби нови двајца потпретседатели, покрај посотечките двајца, како и неколку нови челнови на Извршниот комитет. Одлуката падна на седницата на Централниот комитет која ги прифати предлозите на претседателот Христијан Мицкоски.
Мицкоски истакна дека со ова се оформува тимот кој ќе ја однесе победата на следните парламентарни избори за кои очекува дека ќе бидат предвремени и ќе се стави крај на како што кажа деструктивните политики на актуелната власт.
„Живееме во време кога корупцијата е широко распространета, кога криминалот се простува, кога судот и обвинителството испорачуваат хајки, а криминалците и се смеат на правдата во лице. Пазарџискиот менталитет е сеприсутен. Во односите со Бугарија, во проблемот со застојот на евро интеграциите. На домашната политичка сцена го гледаме овој пазарџиски менталитет. На реалниот човек сето ова му предизвикува чувство на гадење, а илјадници семејства се будат и легнуваат со чувството на несигурност за својата иднина. И не е прашање дали, туку колку Македонија ќе губи. Денес заседаваше Централниот Комитет на најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ која го избра новиот победнички Извршниот комитет на партијата со кои очекуваме да издвојуваме убедлива победа на следните предвремени парламентарни избори кои што мора да се случат“, рече Мицкоски.
Покрај актуелните потпретседатели на партијата, Владо Мисајловски и Александар Николоски, од денеска таа функција ќе ја извршуваат и актуелниот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, како и Гордана Димитриевска Кочовска, дипломиран економист и поранешен заменик министер за финансии во техничката Влада.
При составувањето на новиот Извршен Комитет, претседателот Мицкоски, соопшти дека се раководел според потребите на државата и промените кои мора да се случат за да државата излезе на прав пат и со иднина каква заслужува.
„Ова е Извршен комитет кој е засилен и проширен со луѓе со интегритет и докажани професионалци во својата област, како и нови луѓе на кои им се дава шанса. Тие ќе имаат за задача да се борат за принципите на ВМРО, и да ја оправдаат довербата од народот која е наша најголема обврска. Ова е и Извршен Комитет кој мора да ја преземе улогата на оформување на сериозен и широк народен отпор против власта која ја уназадува земјава и шансите за напредок на секој поединец“, кажа Мицкоски.
Во Извршниот комитет влегува аналитичарот Сашо Клековски, Маја Кадиевска-Војновиќ поранешна вице гувернерка на Народна Банка на Македонија, доцент доктор Ристо Симеонов – специјалист по детска хирургија доктор Мевмет Џафери од Маврово Ростуше, пратениците Ели Панова од Струмица и Миле Лефков од Кочани, Луке Галески, актуелен директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ актерот Зоран Љутков, и Марија Митева, актуелна портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно членови на Извршниот комитет остануваат да бидат и досегашните, пратениците Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, Драган Ковачки, Рашела Мизрахи и Олга Лозановска. Мандатот во ИК продолжува и за Трајко Славески кој е и претседател на советот на град Скопје, Влатко Ѓорчев, градоначалникот на Охрид доктор Кирил Пецаков и Марија Андоновска, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје.