Народната банка денеска соопшти дека е забележана појава на фалсификувани банкноти од 2000 денари, за што е известено и Министерството за внатрешни работи.
Со цел да се заштитат граѓаните и правните лица, Народната банка укажува на начинот на којшто може да се провери дали станува збор за фалсификат. Доколку се забележи фалсификувана банкнота, граѓаните треба да се обратат до банките или до Министерството за внатрешни работи.
– Појавениот тип на фалсификат е изработен на обична (комерцијална), двослојна хартија којашто при допир значително се разликува во дебелината, цврстината и еластичноста во однос на оригиналната хартија на која се изработуваат банкнотите. Покрај тоа, оригиналните банкноти содржат високософистицирани заштитни елементи според кои граѓаните можат да направат разлика и да ја препознаат нивната автентичност, велат од Народна банка.
Фалсификуваната банкнота може да се препознае по основниот заштитен елемент, отпечатен со оптички варијабилна боја, којшто се наоѓа на горниот средишен дел на предната страна на банкнотата. Кај фалсификуваната банкнота, овој елемент воопшто не ја менува бојата со придвижување на банкнотата, додека кај оригиналните банкноти, со придвижување под одреден агол, може да се забележи како се менува неговата боја од зелена во сина и се појавува светлозелен прстен којшто симулира ефект на движење, како што е прикажано на сликата: