Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања ги потенцираше јасните позиции искажани и во Брисел, околу стратешката определба на Република Северна Македонија кон ЕУ, со целосна заштита на националните интереси на граѓаните и на државата.
„Во однос јавната дискусија која се водеше во однос на одредени нацрт идеи коишто ги имаше претседателството на ЕУ за можноста надминување на разликите кои ги има Република Бугарија со нас – многу јасно кажав дека за мене, за Претседателот на државата, за коалиционите партнери и за граѓаните не се прифатливи идеи коишто не прават јасна заштита на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и коишто во мултилатерални преговори со ЕУ ќе бидат исклучиво за прашања кои се поврзани со мерит системот односно да не вклучуваат билатерални прашања во мултилатерални рамки. Тоа беше многу јасно кажано и многу јасно повторено.
Уште еднаш пред сите граѓани на државата повторувам дека историските прашања не можат и не треба да бидат критериуми за преговарачка рамка и преговорите за Северна Македонија со ЕУ, или со која било друга организација. Второ, преговорите со ЕУ мора да започнат со одржување на меѓувладина конференција, пред да бидат отпочнати измени на Уставот со цел внесување на Црногорците, Хрватите, Бугарите, граѓаните кои така се самоопределуваат, кои тоа го бараат, да станат дел од преамбулата од Уставот. И трето дека и ЕУ и Бугарија ќе достават гаранции дека нема да постојат понатамошни условувања во однос на нашиот процес за пристапување кон ЕУ.
Доколку се постигне разбирање на овие позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори и за истите да разговараме, со сите кои се наши партнери во ЕУ. Исто така сакам да повторам дека како секоја друга држава, којашто верува во ЕУ, така и ние сакаме и треба да влеземе гордо со сите наши различности, кои ќе ги почитуваат другите во однос на нас, исто како што ние ги почитуваме сите туѓи различности и со сета почит за своите и туѓите лингвистички и историски различности. Ништо повеќе, ништо помалку“, рече премиерот Ковачевски.
Тој посочи дека Република Северна Македонија има усогласено 45 проценти од законодавството со европското законодавство, дека е пример за соживот во државата, како што е пример за успешна регионална соработка.
„Тука би сакал да ја истакнам и иницијативата Отворен Балкан, којашто не претставува никаква замена за членство во ЕУ, туку е практична имплементација на четирите слободи: за слободно движење на луѓе, капитал, стока и услуги.
Добро е што ЕУ тоа го поддржува, добро е што САД тоа го поддржува. Со Отворен Балкан нема веќе тензии, нема разговори за минатото, туку само за иднината.
Ние сме земја членка на НАТО и земја којашто во целост ја има усогласено својата надворешна политика со политиката на ЕУ. Ние сме Европа и нашето место е во Европа и еден ден гордо со крената глава ќе станеме членка на ЕУ“, порача премиерот Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.