Спречен е обид за криумчарење брендирана облека и обувки вредни 1,6 милиони денари од познати модни марки меѓу кои „Долче и Габана“, „Версаче“ „Мајкл Корс“ „Ралф Лoрен“ и „Најк“, во два посебни случаи на контроли на влез во државата на граничниот премин Табановце.
Како што денеска соопштија од Царинската управа, брендираната роба за која требало да се платат царински давачки во вкупен износ од 457.546 денари е одземена, а против возачите ќе биде поднесена кривична пријава.
Облеката и обувките од познатите модни имиња меѓу кои и „Долче и Габана“ и „Версаче“ во вредност од околу 700 илјади денари, се наведува во соопштението, се откриени од страна на царинските службеници и тоа во багажот на возач на автобус кој сообраќал на редовна линија Дортмунд – Тетово.