Анализите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе покажат дали граѓаните ќе добијат евтина дневна тарифа за струја од четири часа, наместо сегашните два, како и дали таа ќе важи и во сабота покрај недела.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во интервју за МИА најави дека се разгледува ревизија на блок тарифите воведени за време на енергетската криза во 2022 година. Според него, денес има значајни промени во енергетскиот систем, што отвора простор за нов модел. Целта е граѓаните да плаќаат пониски сметки за струја и да се следат новите трендови во производството на електрична енергија, особено од обновливи извори.
РКЕ со нова стратегија: повеќе евтина струја преку ден
Според анализите, производството од сонце и ветер создава вишок електрична енергија во текот на денот, што доведува до ниски берзански цени. Затоа РКЕ размислува за:
продолжување на евтината тарифа на четири часа дневно
воведување евтина тарифа и во сабота
приспособување на потрошувачката кон новите услови
Во моментов, најниски цени на струјата има во периодот од 11 до 15 часот, додека највисоките се во вечерните часови, што е спротивно на сегашниот тарифен модел. „Сега, со драстичните промени на пазарот, посебно за производството имаме дневна евтина, а скапа ноќна електрична енергија, поради што ќе мораме да ја смениме и филозофијата на трошење на таа енергија. Акумулацијата на енергијата е многу тежок процес и немаме доволно капацитети да правиме толкави акумулирања или складирања на енергија за да можеме да го избалансираме целиот систем и сѐ уште е актуелен принципот – како се произведува, така треба да се троши“, вели Ристов.
Анализи и модели: што ќе покаже математиката
РКЕ веќе работи на детални анализи, користејќи податоци од пазарот и регионалните трендови. Ристов вели дека ќе се вклучат сите чинители – производители, институции и оператори, ќе се развијат математички модели за оптимална распределба, а првични резултати се очекуваат до крајот на септември.
„Можно е новите тарифи да важат само одреден период – на пример од мај до септември кога има многу сонце, може нешто друго“, вели Ристов.
Доколку пресметките покажат дека промените се исплатливи, новите тарифни модели би можеле да стапат во сила од 1 јануари 2027 година.
Евтина тарифа и во сабота – реална опција
Дополнителна опција што се разгледува е воведување евтина тарифа и во сабота, бидејќи тогаш има помала индустриска потрошувачка и вишок на енергија.
„И сабота и недела се периоди во кои најголем дел од индустријата не работи поради што има вишок на енергија на пазарот која може исто да биде менаџирана. Ова е добра идеја која вреди да се разгледа – покрај во недела да има евтина тарифа и во сабота. Сѐ е на маса – едноставно го отвораме процесот и како ќе биде на крај и какви ќе бидат параметрите јавноста навреме ќе биде информирана“, додава Ристов.
DW





